Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во рамките на првата работна посета на Брисел оствари средба со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во седиштето на алијансата.
Средбата се реализира во пресрет на севкупните подготовки на алијансата за одбележување на значајниот јубилеј – 75-годишнина од формирањето на НАТО, кој соодветно ќе биде одбележан за време на претстојниот самит на НАТО, што ќе се одржи во јули во Вашингтон.
Во фокусот на разговорите беа актуелните состојби во земјите од Западен Балкан како регион од стратешко значење за НАТО и потребата од забрзување на евро-атлантските интегративни процеси.
„Особено значајно е продолжувањето на блиската координација и заедничките активности на НАТО и ЕУ, пред сѐ, преку забрзување на европските и евро-атлантските интегративни процеси на земјите од регионот, што е особено важно за консолидирање на регионалната стабилност, безбедност и просперитет“, нагласи Муцунски.
На средбата беше поздравен успехот на земјата во однос на постигнатиот праг од повеќе од 2 % од БДП за одбраната, што претставува показател дека земјата е кредибилен НАТО-сојузник посветен на зачувувањето на трансатлантската стабилност.
Муцунски во оваа пригода го запозна соговорникот и со приоритетите од програмата за работа на новата Влада и фокусот што ќе биде ставен на реформските процеси истакнувајќи ја и определбата за наш натамошен придонес во обезбедувањето на заедничкиот мир и безбедноста на евро-атлантската област.
Соговорниците ја реафирмираа поддршката за Украина, како и силната осуда за руска воена агресија, а разменија мислења за состојбите во Блискиот Исток и други актуелни прашања од надворешнополитичка и безбедносна природа.
Министерот Муцунски ги пренесе изразите на највисока благодарност за долгата и посветена работа на генералниот секретар Столтенберг во алијансата.
Текстот Муцунски – Столтенберг: Остануваме кредибилна НАТО-членка со значаен придонес во глобалниот мир, регионалната стабилност и безбедност е превземен од МАКФАКС.