Бајден за пресудата против новинарот на Волстрит журнал: Русите го прогонуваат затоа што е Американец

Бајден за пресудата против новинарот на Волстрит журнал: Русите го прогонуваат затоа што е Американец

пред 2 години

Американскиот претседател Џо Бајден остро ја критикуваше 16-годишната затворска казна за американскиот новинар Еван Гершкович изречена од рускиот суд во петокот, велејќи дека Русија го прогонува „затоа што е новинар и Американец“.

Во соопштението објавено од Белата куќа, Бајден рече дека Гершкович „не извршил никакво злосторство“, додавајќи дека американската влада ќе продолжи да се бори за ослободување на новинарот на „Волстрит журнал“, како и за ослободување на сите американски граѓани незаконски приведени во странство.

„Новинарството не е кривично дело“, рече Бајден, додавајќи дека и тој и Обединетите нации рекле дека Русија незаконски приведува новинар.

„Ќе продолжиме цврсто да ја поддржуваме слободата на печатот во Русија и во светот и да се спротивставуваме на оние кои сакаат да ги напаѓаат медиумите или да ги прогонуваат новинарите“, рече американскиот претседател.

Одлуката на рускиот суд ја осудија и германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок и британскиот премиер Кир Стармер.

Баербок ја опиша одлуката на рускиот суд како „политички мотивирана“.

„Новинарството не е криминал, а вистината не може да се затвори“, напиша таа на социјалната платформа Х.

Таа рече дека пресудата покажува дека рускиот претседател Владимир Путин „се плаши од моќта на фактите“, а пресудата ја нарече „дел од воената пропаганда на Путин“.

Стармер ја опиша 16-годишната затворска казна како „одвратна“ и повика 32-годишниот новинар „итно да биде ослободен“.

Пресудата „служи само да го истакне целосниот презир на Русија кон слободата на медиумите“, напиша Стармер на Икс.

Текстот Бајден за пресудата против новинарот на Волстрит журнал: Русите го прогонуваат затоа што е Американец е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top