„Во текот на вчерашниот ден на владина седница формиравме тело, ја задолживме министерката за образование и наука заедно со ова тело да излезе на терен и да направи анализа на сите универзитети и факултети, и државни и приватни. Онаму каде што ќе се констатираат недостатоци, да им се даде разумен рок тие недостатоци да бидат отстранети. Доколку тоа не го направат, ќе бидат затворени“, истакна премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање притоа објаснувајќи дека Владата планира реформи во високото образование и воспоставување ред во установите.
Тој е дециден дека високообразовните установи во државата, кои имаат недостатоци, ќе имаат разумен рок да ги отстранат. Доколку не ги отстранат недостатоците, ваквите установи ќе се останат без акредитација и ќе немаат дозвола за работа.
„Ова јас го кажувам најотворено. Зошто? Затоа што се срамам на две места на кои бев, и во Вашингтон и во Лондон, каде што имав можност со мои колеги од соседството да разговарам, и едните, и другите и третите ми кажаа – кај вас преку ден се добиваат дипломи и ни прават проблем во нашите држави. Тоа не може да се случува повеќе. Тоа не може да се случува, особено што јас доаѓам од високото образование. Не може дипломи преку ноќ да се добиваат. Тоа мора да се смени, ќе имаат разумен рок да ги отстранат недостатоците. Тие што нема да ги отстранат, ќе мора да затворат. Да ја изгубат дозволата за работа, да ја изгубат лиценцата, акредитацијата“, потенцира Мицкоски.
Текстот Формирано тело за ред во високообразовните установи, без акредитација и дозвола за работа ќе останат оние што нема да ги отстранат недостатоците, порача Мицкоски е превземен од МАКФАКС.