(Видео) Арсовски: СДСМ прави театар со барањето на оставка од Димова, потребна е кривична одговорност

пред 4 години

Театарот кој го прават СДСМ, Лидија Димова, Љупчо Николовски и Зоран Заев е само со една и единствена цел, а тоа е да се дефокусира јавноста од криминалот кој е сторен во Националната агенција, порача денеска на прес-конференција, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

„Оваа смешна препирка низ медиумите дали Лидија Димова ќе си даде оставка или не, дали Владата ќе ја разреши или не, е само театар за граѓаните, да мислат дека оваа Влада е одговорна и чесна“, изјави Арсовски.

Како што рече тој, Лидија Димова влегла во низа од скандали кои достигнуваат огромни суми на пари, а сепак нема ниту еден отворен случај, ниту од Јавното обвинителство, ниту е повикана да биде сослушана.

„Постои сведоштво од вработени во Националната агенција, дека над 20.000 евра пари се извадени од благајна со факсимил на Лидија Димова, без покритие. Овде има сериозен сомнеж за кривично дело, вклучително што ова сведоштво е доволен показател за јавното обвинителство и другите институции да влезат во Националната агенција и тој што сторил одреден криминал, ако го сторил, да одговара“, нагласи портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ кој рече дека тоа не е единствениот доказ, но дека постојат неколку скандали „тешки“ стотици илјади евра.

„И натаму сметаме дека Лидија Димова треба да си даде оставка веднаш, а пред тоа да ги објави транспарентно сите документи за спорните проекти за кои што има сомнеж во јавноста“, рече во име на ВМРО-ДПМНЕ гласноговорникот на опозициската партија.

Share
Scroll to Top