Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска прими претставници од организацијата „Обединети Македонци од Канада“.
На средбата, на која присуствуваа претседателот на ООМК, Ристо Дурловски, и секретарот Драги Стојковски, претседателката Сиљановска-Давкова беше информирана за тековните активности и цели на организацијата и за нивното дејствување во насока на застапување на интересите и потребите на македонската заедница во Канада.
Во таа насока претставниците на организацијата ја запознаа претседателката со своите активности за зачувување и промоција на македонската традиција, култура и јазик, како и за нивните постигнувања и успеси во разни области во канадското општество, преку кои придонесуваат за позитивна афирмација на татковината и јакнење на релациите меѓу двете држави.
Претседателката ги истакна своите заложби за негување и продлабочување на односите со македонските иселеници посочувајќи дека тие се важен сегмент за севкупниот развој на нашата држава и неопходно е да изградиме трајни врски преку соработка, отворање бизнис-можности, пренос на знаења и инвестиции.
Соговорниците разменија мислења и за прашањата од национален интерес, кои ги засегаат и македонските иселеници, како и за нивната улога во економскиот и демократски развој на земјата.
Текстот Сиљановска-Давкова прими претставници од организацијата „Обединети Македонци од Канада“ е превземен од МАКФАКС.