Роберто Де Зерби (45) во последните две сезони е хит тренер во европскиот фудбал. Италијанецот одлично се снајде во Брајтон, на крајот од сезоната кога објави дека ќе замине од „Амекс“ стадионот, доби неколку понуди, реши да ја прифати онаа од Марсеј.
Марсеј има шест победи, две нерешени и три порази, моментално е на третото место во францускиот шампионат.
Де Зерби се обиде на посебен начин да ги мотивира своите играчи. „Л’Екип“ пишува дека по домашниот пораз од Оксер (3:1) минатиот петок, Де Зерби на проекторот ја покажал понудата за договор што ја добил од Манчестер јунајтед во пресрет на оваа сезона.
Сумата која му била понудена, била заматена во договорот, па не се знае колкава плата му понудиле од „Олд Трафорд“.
Де Зерби им порачал на играчите: „Можев да бидам тука, но ја ставив страста пред парите. Дојдов во Марсеј поради страст“.
Во текот на својата кариера, Де Зерби ги водеше Дарфо Боарио, Фоџа, Палермо, Беневенто, Сасуоло, Шахтјор Доњецк и Брајтон.