Ким Џонг-Ун ги нападна САД: Никогаш не сме биле толку блиску до термонуклеарна војна со Јужна Кореја

Ким Џонг-Ун ги нападна САД: Никогаш не сме биле толку блиску до термонуклеарна војна со Јужна Кореја

пред 12 часа

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-Ун ги обвини САД за провокации и ескалација на тензиите, велејќи дека Корејскиот Полуостров никогаш не се соочил со такви ризици од нуклеарна војна како сега, објави во петокот државниот медиум КЦНА.

„Никогаш досега завојуваните страни на Корејскиот полуостров не се соочиле со толку опасен и акутен конфликт што може да ескалира во најразорната термонуклеарна војна“, рече Ким во говорот на изложбата на оружје во Пјонгјанг во четвртокот.

„САД имаат агресивна и непријателска политика“

Тој исто така рече дека од неговото претходно искуство во преговорите со Вашингтон, добил само дополнителна потврда за неговата „агресивна и непријателска“ политика против Пјонгјанг.

„Во преговорите со САД веќе отидовме колку што можевме, но она во што се уверивме од резултатите не е подготвеноста на суперсилата за коегзистирање, туку нејзиниот фундаментален однос на моќ и нејзината агресивна и непријателска политика кон нас, која никогаш не може да се промени“, рече Ким, а пренесе КЦНА.

За време на првиот мандат на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, тој и Ким одржаа три средби во Сингапур, Ханој и на корејската граница во 2018 и 2019 година. Но, нивните дипломатски напори не постигнаа конкретен исход поради разликите меѓу американските повици за Северна Кореја да се откаже од своето нуклеарно оружје и барањата на Ким за укинување на санкциите, потсетува Ројтерс.

Трамп долго време ги промовираше своите врски со Ким, велејќи минатиот месец дека двете земји „би имале нуклеарна војна со милиони убиени луѓе“, но ја спречил благодарение на нивната врска.

Севернокорејските државни медиуми сè уште јавно не го спомнаа реизборот на Трамп за претседател на САД.

Во говорот во четвртокот, Ким повика на развој и надградба на оружјето до „ултрамодерно“ и вети дека ќе продолжи да ги подобрува одбранбените способности за да ја зајакне стратешката позиција на земјата, објави КЦНА од настанот на кој беа претставени стратешкото и тактичкото оружје.

Последниот говор на Ким дојде во време на меѓународна критика за продлабочување на воената соработка меѓу Пјонгјанг и Москва, при што Северна Кореја испрати повеќе од 10.000 војници во Русија за да ја поддржи нејзината војна против Украина.

Минатата недела, Ким ја повика својата војска да ги подобри способностите за војување, обвинувајќи ги САД и нивните сојузници за поттикнување на тензиите до „најлошата фаза во историјата“, нарекувајќи го Корејскиот полуостров „најголемо жариште на светот“.

Текстот Ким Џонг-Ун ги нападна САД: Никогаш не сме биле толку блиску до термонуклеарна војна со Јужна Кореја е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top