Андре Онана, голманот на камерунската репрезентација и Манчестер јунајтед ја освои овогодинешната награда на Унијата на професионални фудбалери (ФИФПРО) за позитивно влијание врз животите на другите.
„Неговата фондација обезбедува бесплатни медицински услуги и операции низ субсахарска Африка, помагајќи им на речиси 500 деца годишно“, пишува во денешната објава на ФИФПРО на социјалната мрежа „Х“.
ФИФПРО донираше 10 илјади долари на неговата фондација.
„Кога ја основав фондацијата, идејата беше да им помогнам на слепите деца во Камерун. Добивме голема поддршка и оттогаш таа прерасна во невладина организација (НВО) која обезбедува услуги за деца и возрасни во непривилегираните заедници. Носиме лекари и хирурзи, главно од Шпанија, да оперираат во Африка. Во јули оваа година им помогнавме на над 350 луѓе во Јаунде, додека во претходните три години извршивме над 1.200 операции. Овозможуваме и можност за образование на децата без родители“, рече Онана.
Андре Онана е член на Манчестер јунајтед од јуни минатата година, а претходно настапуваше за Интер и Ајакс.