Седумнаесетта година по ред Фондацијата „Трајче Мукаетов“ доделува 40 стипендии за студенти на Фармацевтскиот и на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје.
Изборот на стипендистите за учебната 2024/2025 година, кој е во согласност со објавениот јавен конкурс, е одобрен од Управниот одбор на Фондацијата по предлог-прелиминарната листа од комисиите за распределба на стипендии, составени од претставници на Фондацијата, на двата факултета, како и од претставници од редовите на студентите.
За новата академска година се доделуваат 40 нови стипендии, од кои 20 за студенти на Фармацевтскиот и 20 за студенти на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје. И оваа година Фондацијата доделува еднократна парична награда од 1.200 евра во денарска противвредност за првенците на генерација на двата факултета. Добитници на оваа награда годинава се Фросина Димоска од Фармацевтскиот факултет (со просек 9,72) и Aнастасија Петличковска од Медицинскиот факултет (со просек 9,92). Првенците се досегашни стипендисти на Фондацијата „Трајче Мукаетов“.
„Вложувањето во млади таленти од сферата на науката, особено во делот на фармацијата и медицината, е долгорочна инвестиција во поздраво општество. Фондацијата ’Трајче Мукаетов’ во изминатите 17 години е дел од успешната академска приказна на 699 стипендирани студенти на државниот универзитет во Скопје. Навистина ми е драго што досега 110 oд стипендираните студенти одлучиле да започнат да ги градат своите кариери во некои од одделите на ’Алкалоид’. Високата селективност при ангажирањето стручен кадар и континуираните вложувања во истражување, развој и нови технологии и постојаното стручно надоградување придонесоа ‘Алкалоид’ денес конкурентно и достоинствено да се носи на глобалниот фармацевтски пазар“, изјави г. Живко Мукаетов, Претседател на Фондацијата „Трајче Мукаетов“ и Генерален директор на компанијата „Алкалоид“ АД Скопје.
Во седумнаесетте години постоење Фондацијата „Трајче Мукаетов“ стипендирала вкупно 699 студенти по фармација и по медицина при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје и инвестирала близу 141 милион денари по основ на стипендии и на еднократни парични награди за првенците на генерација.
Oд ноември 2022 година износот на стипендијата изнесува 7.000 денари во текот на 12 месеци и се пресметува линеарно за постојните и за новите стипендисти, сѐ до нивното формално завршување на студиите.
ПР текст
Текстот Фондацијата „Трајче Мукаетов“ додели 40 нови стипендии за учебната 2024/2025 е превземен од МАКФАКС.