Одлуката на Уставниот суд за одржување подготвителна седница за Законот за употреба на јазиците е очекувана за претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Таа рече дека во Уставниот судот треба да има повеќе јавни расправи, бидејќи едно време беа речиси суспендирани. Тоа е онаа фаза кога ќе се поканат претставници на иницијаторите, институциите, и оние не се согласуваат со иницијативите, појасни Давкова.
„Потребна е таква расправа за да се соочат аргументите за и против, пред Уставниот суд да донесе одлука. Значи да го оставиме судот да решава врз основа на расправата и судијата известител, а не ние да му кажуваме како треба да работи“, рече Сиљановска-Давкова.
За бојкотот на седницата од страна на судиите Осман Кадриу и Насер Ајдари, Сиљановска-Давкова нема разбирање. Вели дека тие се таму за да одлучуваат со гласање „за“ или „против“, а најшокантно звучело дека не можело да се признаваат одлуки на еднонационален суд.
Уставниот суд вчера одлучи да повика експерти за да слушне различни мислења за Законот за употреба на јазиците, а потоа да одлучува. Претседателот на судот, Дарко Костадиновски, по седницата рече дека сведоци сме на непримерно и политичко насилство, влијание, притисоци и уцени врз Уставниот суд, што е резултат на едно фрапантно отсуство на елементарна политичка и уставна култура.
Тој уверува дека одлуката за законот ќе биде донесена за неколку месеци и нема да дозволи натамошни притисоци, уцени и закани.
Законот за употреба на јазиците, по пет години од стапувањето во сила, беше прва точка на дневниот ред на седницата, која беше бојкотирана од судиите Осман Кадриу и Насер Ајдари, а набргу салата ја напушти и судијата Фатмир Скендер.
Венециската комисија претходно имаше забелешки за Законот за јазиците укажувајќи дека не е прецизно наведено кои одредби важат само за албанскиот јазик, а кои и за другите јазици на заедниците.
ДУИ од неделата протестираше пред Уставниот суд, а владејачката коалиција од албанскиот блок „Вреди“ уверуваше дека албанскиот јазик не е загрозен.
Текстот Уставниот суд самиот треба да решава, а не ние да му кажуваме како да работи, вели Сиљановска-Давкова е превземен од МАКФАКС.