Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров на денешната прес-конференција по повод мандатното писмо за мисијата и задачите на Секретаријатот за европски прашања порача дека како вршител на функцијата ќе даде се’ од себе за Северна Македонија да стане просперитетна европска демократија во која ќе владее правото, со која сите ќе се гордееме.
„Ќе треба да разбиеме низа предрасуди, да ги внесеме современите европски вредности во нашето секојдневие и нив да ги практикуваме. Не само на зборови, туку и со дела, со видливи резултати за секој граѓанин да препознае дека се менуваме, со понуда за иднина за секој млад човек“, нагласи Димитров.
Објаснувајќи го процесот на пристапните преговори со Европската Унија, тој се осврна на неколку клучни столбови како новата Методологија, ИПА 3 и Економско-инвестицискиот план.
„Новата Методологија за преговори, новата генерација на претпристапна помош ИПА 3 и неодамна објавениот Економско-инвестициски план – 9 милијарди евра грантови за регионот, се шанса што мора да ја искористиме. Тие внесуваат поголема динамика и можност побрзо да се напредува ако навистина испорачуваме резултати“, посочи вицепремиерот.
Зборувајќи за преводот на европското право на македонски јазик како една од обврските за време на процесот, Димитров потенцираше дека македонскиот јазик е камен темелник на идентитетот на македонскиот народ.
„Во градењето европски идентитет, повеќејазичноста гарантира еднаквост на сите граѓани на Европската Унија. Во согласност со оваа политика за јазична еднаквост и македонскиот јазик ќе ужива статус на еднаков и официјален јазик на Унијата, тогаш кога Северна Македонија ќе стане полноправна членка“, истакна тој.
Во однос на одржувањето на Првата меѓувладина конференција со ЕУ за време на германското претседателство и предизвиците со соседна Бугарија, Димитров рече:
„Не е тајна дека заедно со германското претседателство работиме првата меѓувладина конференција да се случи во декември оваа година. Исто така не е тајна дека имаме предизвик со нашите комшии, со соседна Бугарија. Но, јас сум убеден дека сите земји членки се свесни, а особено соседите, дека сме пред многу едноставен избор – или ќе имаме заеднички успех или ќе имаме заеднички дебакл, оти евентуалниот неуспех нема да е само македонски, туку ќе биде и пораз и за европската слика за Бугарија, ама пред се’ за самата Европа и нејзините основни вредности. Ние се подготвуваме за успешното, победничкото сценарио“, кажа вицепремиерот и објасни дека веднаш по првата меѓувладина конференција ќе се продолжи со скринингот и тоа со билатерален преглед по кластери и соодветни поглавја.
„Пристапниот процес за голема и за мала држава е ист, обврските се идентични, прашањето е само дали политички сме целосно спремни безрезервно да се вложиме. Ние сме подготвени и ги повикувам и очекувам од сите мои колеги во Владата и институциите, целата администрација и сите други општествени чинители, да се вложат во иднината на нашата држава. Да одиме напред, таму каде припаѓаме. Да си ја донесеме Европа дома“, порача вицепремиерот за европски прашања на денешната прес-конференција во контекст на мандатот и мисијата на Секретаријатот за европски прашања.