Од четврток, 18 април, сите трговци (мали, средни или големи) ќе треба да ги објават цените на секој производ што го нудат во малопродажба. Тука влегуваат и маркетите што продаваат основни прехранбени производи, овошје и зеленчук и трговците што продаваат средства за хигена, трговци на мало со бела техника, со играчки, техстилни производи, градежни материјали, алати и електрични апарати, буквално сите трговци што вршат трговија на мало. Исклучени се само микротрговци, односно оние што вработуваат до 10 лица, информира министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши.
Ова произлегува од Правилникот за начинот на објавување на цените на стоките и податоците што треба да се објавуваат од страна на мал, среден и голем трговец, кој врши дејност трговија на мало.
„Во согласност со Правилникот на Министерството за економија и труд, малиот, средниот и големиот трговец, кој врши дејност трговија на мало, има обврска да ги објавува цените на стоките што ги пласира на пазарот на својата веб-страница на јасен и достапен начин преку посебен дел на веб-страницата на трговецот посветен на цените, односно ценовник. Објавените цени треба да бидат достапни без потреба од регистрација или дополнителна најава. Ценовникот треба да содржи: назив на стока – производ (трговска марка, модел и слично), продажна цена со ДДВ, единечна цена за килограм, литар, метар, опис на стоката, достапност во продажен објект, редовна цена со ДДВ и промотивна или цена со попуст, која треба да содржи цена со попуст изразен во проценти, вид промоција, дали е тоа промотивна понуда, пакет за лојалност или сезонски попуст, како и времетраење на промоцијата или попустот“, појасни министерот.
Трговците треба да ги ажурираат цените на стоките на дневна основа, односно секој работен ден до 10 часот.
Во случај на ненамерна техничка грешка во ажурирањето на цените на стоките трговецот треба да ја коригира грешката во рок од 24 часа.
„Граѓаните сега ќе може да изберат каде ќе ги трошат своите пари бидејќи самите ќе може да видат и да споредат во кој маркет има најниски цени. Ќе бидат подобро информирани за тоа кој производ колку чини кај кој трговец. Нашите очекувања се дека со оваа мерка во наредниот период дополнително ќе има намалување на цените“, рече Дурмиши.
Текстот Трговците со помалку од 10 вработени немаат обврска да ги објавуваат цените онлајн е превземен од МАКФАКС.