Денеска директорот на Бирото за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи Александар Јанев присуствуваше на Граничниот премин Дојран каде се поставени, оспособени и од денеска функционираат две нови контролни точки, а истовремено се отворени и две нови линии за премин.
„Овој значаен чекор претставува резултат на заедничката идеја што ја инициравме пред неколку месеци заедно со колегите од ГП Дојран и Регионалниот Центар Југ. Денес, таа идеја стана реалност“, истакна директорот на БЈБ Јанев, дополнувајќи дека по децении, по транзиции на држави и администрации, ГП Дојран добива нова димензија, нов изглед кој овозможува побрз, поефикасен и побезбеден проток на патници и возила. Со новите капацитети значително се намалува времето на чекање, особено во периодите со зголемен сообраќај.
„Овој проект не е значаен само за локалната заедница – регионот, туку и Македонија како и странските туристи кои добиваат вистинска можност за полесно и побрзо преминување на границата со Грција, преку ГП Дојран. Веруваме дека ова ќе придонесе за зголемување на туризмот, економска размена и уште подобра поврзаност меѓу двете земји. Ова е само уште еден доказ дека кога има волја и визија – резултатите не изостануваат“, рече Јанев.
Директорот на Бирото за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи денеска исто така оствари и работна посета и на ГП Богородица, каде директно од прва линија ја увиде контролата и протокот на патници и сообраќај.
„Со новопоставениот раководител на ГП Богородица разговаравме за важноста на оваа контролна точка, за потребата од професионално, одговорно и посветено работење на сите полициски службеници кои работат на овој премин. На колегите им нагласив дека постојано се залагам и ќе се залагам за унапредување на условите, знаењето и посебно модернизацијата на полицијата со помош на современите дигитални алатки, кој секој полициски службеник треба да ги гледа и користи како придобивка и олеснување на работењето а не како терет или појава од која треба да се плашат. Нагласив и дека носењето на полициската униформа не е само професија, тоа е гордост и обврска, со што се претставува државата и секој униформиран полициски службеник има чест да биде репрезент на националните вредности“, дециден беше Јанев, заклучувајќи дека се продолжува со посветеноста кон унапредување на граничната инфраструктура и создавање услови за модерен, ефикасен и безбеден граничен премин за сите граѓани.
Текстот Директорот на БЈБ во посета на граничните премини Дојран и Богородица: отворени нови линии за побрз премин е превземен од МАКФАКС.