Поранешниот победник на Тур де Франс и петкратен олимписки шампион во велосипедизам, Британецот Бредли Вигинс (45), призна во интервју за „Обсервер“ дека бил зависен од кокаин со години по завршувањето на кариерата.
„Беше тоа многу кокаин. Имав навистина голем проблем. Бев функционален зависник. Луѓето не би го разбрале тоа. Бев под дејство на дрога поголемиот дел од времето. Одев по јаже. Сфатив дека имам огромен проблем. Морав да престанам. Имам среќа што сум тука“, рече тој.
Вигинс, татко на две деца, сега е „чист“ веќе 12 месеци, редовно посетува терапија и се чувствува многу помирно со себе.
„Имаше моменти кога мојот син мислеше дека ќе ме најдат мртов наутро“, додаде тој.
Вигинс откри како колегата велосипедист Ленс Армстронг му помогнал во закрепнувањето.
„Мојот син многу разговараше со него“, рече Вигинс за Армстронг, кој во 2013 година призна дека користел допинг со години и му беше забрането да се натпреварува доживотно.
Вигинс стана првиот Британец што го освои престижниот Тур де Франс во 2012 година и се истакна на Олимписките игри помеѓу 2004 и 2016 година, освојувајќи пет златни медали, еден сребрен и два бронзени.
Откако заврши неговата кариера во 2016 година, тој се заглави во лични проблеми, долгови и зависност од дрога. „Драго ми е што сум тука со вас денес. Со години сум жртва на моите лоши одлуки“, рече Вигинс.