Додека американските медиуми го мерат секој милиметар за да докажат дека дошло до заладување во односот меѓу Доналд Трамп и Илон Маск, контроверзниот милијардер самиот ги поттикнува ваквите приказни.
Зборувајќи вчера на Економскиот форум во Катар, извршниот директор на „Тесла“ рече дека во иднина ќе троши значително помалку за политика додавајќи:
„Мислам дека веќе направив доволно“.
Маск ги отфрли инсинуациите дека одлуката е одговор на критиките што ги добил за неговата водечка улога во преобликувањето на државните институции преку Канцеларијата за ефикасност на владата (DOGE).
„Ако во иднина видам причина за политичко трошење, ќе го направам тоа. Во моментот не гледам никаква“, додаде тој.
Маск, кој инвестира повеќе од 290 милиони долари свои пари на претседателските избори во 2024 година за да ги поддржи Трамп и републиканците, се етаблира како значајна политичка фигура. Тој исто така се обиде да влијае на изборите, вклучително и на клучната трка за Врховниот суд во Висконсин минатиот месец. Неговата политичка машинерија, пишува „Политико“, инвестира многу во овие избори, па тие речиси се претворија во референдум за популарноста на самиот Маск.
И овој референдум не помина добро – кандидатот поддржан од демократите победи убедливо, а „Политико“ тврди дека таков исход означил пресвртница во политичкиот ангажман на Маск.
Текстот Маск: „Мислам дека веќе направив доволно“ е превземен од МАКФАКС.





