Русија денес ја критикуваше двонеделната поморска вежба на НАТО во Балтичкото Море еден ден пред нејзиниот почеток, нарекувајќи ја „провокативна“.
Заменик-министерот за надворешни работи Александар Грушко ја обвини Западната алијанса дека се подготвува за конфликт со Русија со својата годишна вежба БАЛТОПС.
„Станува збор за демонстрирање на супериорност во сите области: на копно, на море и во воздух“, рече тој. „Секако, вежбите од ваков вид се исклучително провокативни“, изјави Грушко за руската државна новинска агенција ТАСС.
„Ги оценуваме воените активности на НАТО како дел од подготовките за воен конфликт со Русија“, рече Грушко.
Вежба предводена од САД, со учество на 17 земји
54-то издание на вежбата „БАЛТОПС“ се одржува за прв пат во источногерманското пристаниште Росток. Околу 50 бродови, повеќе од 25 авиони и околу 9.000 војници од 17 земји учествуваат во вежбата предводена од САД, која ќе се одржи од четврток до 20 јуни.
Русија е единствената земја меѓу деветте што има пристап до Балтичкото Море, а не е членка на НАТО.
Русија спроведува сопствена вежба
Москва моментално спроведува свои вежби во регионот со повеќе од 20 воени бродови, топовски чамци и помошни бродови. „Вежбите се спроведуваат за тестирање на дејствијата на силите на флотата во одбраната на базите“, соопшти руската морнарица.
Според државната телевизија, вежбите, кои започнаа на 27 мај, продолжуваат оваа недела.
Во нив учествуваат корвети, фрегати, ракетни чамци, мали подморници и миноловци, околу 25 авиони, вклучувајќи хеликоптери, околу 3.000 војници и до 70 специјализирани единици.
Текстот НАТО ќе одржи вежби во Балтичкото Море; Русија: Се подготвуваат за воен конфликт со нас е превземен од МАКФАКС.