Од понеделник (9 јуни), Владата воспоставува директна телефонска линија – 070 355 526 за повредените во трагедијата во Кочани и нивните семејства, преку која ќе можат да ги изнесат своите барања и потреби.
Линијата ќе биде управувана од Канцеларијата на претседателот на Владата, а ќе функционира непрекинато.
„Оваа линија нема да биде само контакт – туку жив канал на комуникација, преку кој ќе се одржува дневна, неделна и месечна координација, со редовно информирање, и со персонализиран пристап за секој случај “, изјави портпаролката на Владата, Марија Митева, на денешната прес-конференција.
Таа рече дека ова е резултат на директна комуникација на терен, особено од страна на работната група за евалуација на повредените, која во изминатиот период работела во непосреден контакт со семејствата и со медицинските тимови.
„Свесни сме дека досега беа преземени повеќе активности – итна здравствена грижа, институционална мобилизација, финансиска и логистичка поддршка, но свесни сме и дека постојат сегменти кои се повторно неопходни“, рече Митева додавајќи дека затоа почнуваат со нова активност, во насока на ветената континуирана поддршка на повредените и семејствата.
„Здравствената и психолошката состојба на повредените се менува секој ден – и дека пред сè, им беше потребно време да се посветат на своето закрепнување. Кога се во состојба на закрепнување и имаат нови барања и потреби ние сме целосно подготвени да им излеземе во пресрет за сите останати состојби со структуриран, отворен и достапен механизам“, кажа портпаролката Митева.
Текстот (Видео) Митева: Нов канал за директна комуникација со повредените во трагедијата во Кочани – 070 355 526 е превземен од МАКФАКС.