(Видео) Силни ветрови, грмотевици и град: невреме ја погоди Хрватска

(Видео) Силни ветрови, грмотевици и град: невреме ја погоди Хрватска

пред 14 часа

Силно невреме погоди неколку делови од Хрватска во четврток вечерта. Го погоди и регионот на Загреб, за кој Државниот хидрометеоролошки завод (DHMZ) издаде црвено предупредување поради исклучително опасни временски услови. Ситуацијата беше особено тешка во Бродско-посавската жупанија. Дирекцијата за цивилна заштита утрово објави дека Окружниот центар 112 во Славонски Брод добил бројни пријави од граѓани во текот на ноќта поради последиците од невремето проследено со обилни дождови и бурни ветрови.

-Во Бродско-посавската жупанија, помеѓу 00:15 и 02:45 часот, имало прекини на далноводите и прекини на трафостаниците. 2.944 корисници во некои општини останаа без електрична енергија-, се вели во соопштението. Екипите на Електра Славонски Брод веднаш излегоа на терен и работат на отстранување на дефектите, а целосно нормализирање на снабдувањето со електрична енергија се очекува во текот на утрото и попладнето.

Во пошироката област на Вуковар, граѓаните беа сведоци на многу силни ветрови, грмотевици и интензивни врнежи од дожд во текот на ноќта. „Во Вуковар имаше силен ветер, а молњите беа како луди“, опиша еден жител.

Загреб, исто така, ја почувствувал бурата, околу 3:00 часот наутро градот бил погоден од силни ветрови кои донеле обилен дожд. По краткотрајното затишје, непосредно пред 8:00 часот наутро, силен пороен дожд повторно го погоди Загреб, придружен со силни грмотевици и налети на ветер. На западот од земјата, во Истра, во некои делови беше регистриран и град.

Силната бура ја погоди и соседна Италија, каде што беа регистрирани обилни врнежи од дожд, бурен ветер и град. На социјалните мрежи кружат фотографии од големи парчиња град, кои сведочат за силата на бурата.

Текстот (Видео) Силни ветрови, грмотевици и град: невреме ја погоди Хрватска е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top