Герасимовски повикува на концерт, ВМРО-ДПМНЕ му ги брои нереализираните проекти: Центар не доби парк и административна зграда кај ПУИК

Герасимовски повикува на концерт, ВМРО-ДПМНЕ му ги брои нереализираните проекти: Центар не доби парк и административна зграда кај ПУИК

пред 10 часа

Откако утрово градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски ги повика скопјани на концерт со Александар Тарабунов вечерва, ВМРО-ДПМНЕ во соопштение до медиумите го нарече шампион по нереализирани ветувања и ги наброја нереализираните проекти. Градоначалникот, пак, одговори на предизвикот со објаснување дека работи посветено, а не кампањски само пред избори.

„Очигледно е дека општина Центар не доби парк и административна зграда кај ПУИК, не доби парк со игралиште кај Клинички, ниту пак кај куќата на Есма на Кале. Тоа е билансот на визионерството на Герасимовски. На граѓаните не им е потребно експериментирање со импровизирано управување.Центарци се сведоци  на спори или непостоечки инфраструктурни проекти. Многу улици и тротоари останаа неуредени, небезбедни и неадаптирани за лица со посебни потреби. Со таков кандидат за градоначалник капиталните проекти се или заглавени или нереализирани.

Нереализирани проекти кој тој напразно ги ветуваше се и градинка во Маџир Маало, градинка во Клинички центар, воспитно-образовен центар во Парк 1 со градинка и училиште, но резултатот е немање градежни активности, ни почеток, ни рокови, само илузии.

Урбаниот хаос остана, а тој ветуваше ред, но донесе уште поголем метеж, наместо решенија центарци добија хаос. Не се обезбеди ниту монтажен паркинг во Дебар Маало и во Пролет, ниту гаража кај Клинички центар, а уште помалку катна гаража спроти ПУИК, само се обезбеди нарушен сообраќај, фрустрации и изневерени граѓани.

Наместо вистинско вклучување на граѓаните во процесите, често владее молк и селективна комуникација, се промовираат ситни потези како големи успеси, додека реалните проблеми тотално се игнорираат.

Евидентно е дека тој е без јасна визија за развој, а бара повторно доверба од граѓаните, која не ја ни стекнал.

Центар под Герасимовски е пример за проекти на хартија и реалност во распад. Четири години магла во Центар и застој под негово водство“, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Градоначалникот Герасимовски веднаш реагираше. И тој преку соопштение до медиумите кажа што сработил.

„Веќе почнуваме со реализација на барањата што произлегуваат од центарци. Ниту еден градоначалник не смее да оди кај граѓаните, да вети нешто и потоа да исчезне и да се појави повторно само пред избори. Работиме да надминеме одредени предизвици со кои се соочуваат жителите и уште летово да ја завршиме таа работа. Вистинската работа се гледа секој ден, на улица, во маало, а не на билборд. Во еден мандат ја изградивме од темел најубава градинка во целата држава кадешто се згрижуваат деца од населбите Пролет и Маџир маало. Во моментов се реконструира спортската сала „Работнички“ којашто беше со децении оставена да се распаѓа. Работиме посветено, домаќински и транспарентно“, вели градоначалникот  Герасимовски и потсетува дека караванот „Се гледаме во маало“ продолжува и во следните денови со секојдневни посети во различни населби од Општина Центар, со цел заедничко планирање на локалниот развој, директна комуникација и градење на транспарентна и отчетна локална власт.

 

Текстот Герасимовски повикува на концерт, ВМРО-ДПМНЕ му ги брои нереализираните проекти: Центар не доби парк и административна зграда кај ПУИК е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top