Средба Филипче-Клингбајл во Берлин: Македонија мора да продолжи по европскиот пат

Средба Филипче-Клингбајл во Берлин: Македонија мора да продолжи по европскиот пат

пред 13 часа

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија,  Венко Филипче, денеска во Берлин, Сојузна Република Германија, во рамки на Конгресот на германската Социјалдемократска партија (СПД), се сретна со актуелниот вицеканцелар на Германија и сојузен министер за финансии, Ларс Клингбајл, кој воедно е и ко-претседател на СПД.

Од СДСМ известија дека на средбата, претседателот Филипче изразил благодарност до вицеканцеларот Клингбајл, за континуираната и силна поддршката на СПД за евроинтеграцискиот  процес на Македонија, посочувајќи дека како сестрински партии, ја споделуваат истата визија за праведна, обединета и солидарна Европа.

„Филипче и Клингбајл разговараа за забрзувањето на евроинтеграцискиот процес на Македонија, како и на земјите од регионот и Западен Балкан, оценувајќи го како клучен процес за стабилизација, развој и напредок на државите-кандидатки за членство во Европската Унија. Беше посочено дека само со вистинска интеграција во ЕУ може да се обезбеди одржлив напредок – и економски и институционален, особено во однос на владеењето на правото и борбата против корупцијата.

Заеднички беше ставот дека Македонија мора да продолжи по европскиот пат, како единствена алтернатива за напредок и подобра иднина на државата“, извести СДСМ за средбата на лидерот во Берлин.

Филипче го потсетил Клингбајл дека во периодот на Владата предводена од СДСМ беа реализирани клучните стратешки цели – Македонија стана членка на НАТО и ги отпочна преговорите за членство во ЕУ.

Обајцата на средбата ја нагласиле потребата од натамошно унапредување на меѓупартиската  соработка и размена на искуства меѓу СДСМ и СПД, како сестрински партии кои делат заеднички социјалдемократски вредности, базирани на солидарност, еднаквост, владеење на правото и социјална сигурност.

Текстот Средба Филипче-Клингбајл во Берлин: Македонија мора да продолжи по европскиот пат е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top