Белата куќа објави дека американскиот претседател Доналд Трамп потпишал меморандум со кој се воспоставува строга американска политика кон комунистичка Куба и се поништуваат мерките наметнати од поранешниот американски претседател Џо Бајден.
Со него ќе се воведе законска забрана за американски туризам во Куба, а воедно ќе се одржи економското ембарго врз земјата, соопшти Белата куќа.
Иако Американците не можат да ја посетуваат Куба за одмор, патувањето е дозволено за активности, вклучително и образовни или хуманитарни патувања.
Во еден од своите први потези по преземањето на функцијата во јануари, Трамп, жесток критичар на Куба, ја поништи одлуката на администрацијата на Бајден да ја отстрани земјата од списокот на држави спонзори на тероризам во САД. Тој, исто така, делумно го ограничи влезот за луѓе од Куба.
Според меморандумот објавен вчера, Трамп ја обнови забраната за директни или индиректни финансиски трансакции со субјекти контролирани од кубанската војска, со исклучоци за трансакции што ги унапредуваат целите на американската политика или го поддржуваат кубанскиот народ.
Бајден ја поништи наредбата на Трамп од 2017 година со која беа ограничени финансиските трансакции со одредени воени и владини субјекти поврзани со Куба.
Новиот меморандум „ја спроведува забраната за американски туризам во Куба и обезбедува усогласеност преку редовни ревизии и задолжително водење евиденција за сите трансакции поврзани со патувања најмалку пет години“, според соопштението за медиумите на Белата куќа.
Исто така, го поддржува економското ембарго врз Куба и се спротивставува на повиците во Обединетите нации и другите меѓународни форуми за негово прекинување.
Кубанскиот министер за надворешни работи, Бруно Родригез, објави на социјалната мрежа Икс дека „претседателскиот меморандум против Куба објавен од американската влада ја зајакнува агресијата и економската блокада што го казнува целиот кубански народ и е главна пречка за нашиот развој“. „Тоа е кривично дело и кршење на човековите права на целата нација“, рече тој.
Текстот Трамп ги поништи мерките воведени од Бајден за Куба е превземен од МАКФАКС.