Полицијата со превентивни кампањи во Охрид, во пресрет на главната туристичка сезона

пред 4 дена

„И јас и ти сме пешаци“, ,, Носи кацига“, „ Користи пешачки“, „Одговорно паркирај“, „Спречи кражби“, се новите превентивно-едукативни кампањи што, СВР Охрид отпочна да ги реализира, во пресрет на главната туристичка сезона.

Целта, според надлежните, е подигнување на безбедносната култура кај граѓаните, јакнење на свеста и совеста за поголема внимателност во заштита на личниот имот и сопственост нај граѓаните, одговорно однесување во сообраќајот и подигнување на сообраќајната безбедност.

Полициски службеници од отсекот за превенција, на повеќе локации во градот, остваруваат кратки средби со граѓани и туристите кои престојуваат во Охрид, ги посетуваат плажите и туристичките комплекси на подрачјето и, низ кратки разговори, ги потсетуваат на потребата од поголема грижа за паричниците и другите лични и вредни предмети што ги имаат, да не ги оставаат необезбедени со што стануваат лесно достапни до сторителите и се предмет на кражби и џепни кражби.

Притоа, прецизно им се укажува на можните форми и начини на вршење на овие казнени дела, како и за неопходните основни мерки за заштита од сторителите на имотните и други деликти. Низ кратките контакти на пофрекфентните сообраќајници, се потсетуваат возачите на моторни и други возила, крајно внимателно да ги управуваат, да ги почитуваат сообраќајните знаци и другата вертикална и хоризонтална сигнализација, возилата да ги паркираат исклучиво на означени паркинг места и простори а не на коловози, тротоари и вело патеки. Се советуваат пешаците, велосипедистите и моторциклистите како учесници во сообраќајот, да бидат совесни и одговорни, пешаците да ги користат обележаните пешачки премини за премин на коловозите, велосипедистите да ги користат обележаните велосипедски патеки и воедно, со моторциклистите да користат заштитни кациги и друга неопходна опрема. Секое спротивно однесување како и зборување на мобилен телефон при управувањето со возилата, ќе биде санкционирано согласно одредбите од Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата.
На граѓаните и туристите, им се делат едукативни флаери со низа практични совети, со цел поефикасна заштита на нивните вредни предмети и друга лична сопственост, како и зголемување на нивната безбедносна култура. Оваа проектна активност е во рамките на концептот „Полициско работење во заедницата“, кое подразбира градење посилен партнерски однос помеѓу полицијата и граѓаните во спречување, намалување, откривање и решавање на безбедносните проблеми и предизвици, соопшти полицијата.

Текстот Полицијата со превентивни кампањи во Охрид, во пресрет на главната туристичка сезона е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top