Сузана Јаневска е суспендирана од функцијата извршен директор на Сојузот на стопански комори

Сузана Јаневска е суспендирана од функцијата извршен директор на Сојузот на стопански комори

пред 19 часа

Сузана Јаневска е суспендирана од функцијата извршен директор на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССКМ), поради злоупотреба на службена положба и фалсификување на службени документи, соопштија од Сојузот.

Од таму наведуваат дека Јаневска без овластување и во спротивност со процедурите на Сојузот, испратила лажно соопштение до медиумите од својата приватна е-пошта, претставувајќи невистинити тврдења за наводно одржано собрание на ССКМ.

„Нагласуваме дека такво собрание не било ниту закажано, ниту одржано по деловничка процедура и дека комуникацијата испратена од приватни адреси не претставува официјален став на ССКМ. Поради сериозноста на прекршувањата, случајот е веќе пријавен во Министерството за внатрешни работи, а против одговорните лица се поведени соодветни дисциплински и правни постапки“, се наведува во соопштението.

Од ССКМ ги повикаа сите институции, медиуми и јавноста да ги игнорираат сите неовластени и нелегитимни изјави и да ги следат само официјалните информации објавени преку валидираните канали на ССКМ.

Сојузот на стопански комори на Македонија, исто така, информира дека на денешната седница на Управниот одбор, едногласно беше донесена одлука за именување на Пенка Мукаетова за нов потпретседател на ССКМ. Оваа одлука, велат од Сојузот, претставува дел од обновата на раководните структури на Сојузот со цел да се обезбеди стабилно, легитимно и професионално функционирање.

„Со својот досегашен ангажман и углед во деловната заедница, Пенка Мукаетова претставува значаен фактор за Сојузот и ќе има водечка улога во враќањето на институционалниот интегритет и довербата кај членките“, се наведува во соопштението.

Во истата насока, велат од Сојузот, Горан Ѓорѓиевски и Ромео Костадинов се разрешени од сите функции во рамки на ССКМ, како и Драган Пехчевски, кој е разрешен од функцијата претседател на Групација на проекти.

„Одлуката е донесена поради сериозни прекршувања на принципите и вредностите на Сојузот, како и поради утврдена вклученост во активности кои претставуваат обид за нарушување на легитимното раководство“, се наведува во соопштението.

Текстот Сузана Јаневска е суспендирана од функцијата извршен директор на Сојузот на стопански комори е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top