Компанијата xAI собра 10 милијарди долари инвестиции за разни проекти.

Стартапот xAI на Илон Маск за вештачка интелигенција собра вкупно 10 милијарди долари финансирање преку комбинација од долг и капитал, соопшти банката Морган Стенли.

Од износот, 5 милијарди долари беа обезбедени преку долг (обврзници и заеми), додека остатокот дојде од стратешки инвестиции во сопственички капитал.

Банката вели дека понудата за долг била многу барана и дека истакнати глобални финансиски институции биле меѓу инвеститорите во xAI.

Рекордната сума ќе се искористи за развој на суперкомпјутерот Colossus, подобрување на чет-ботот Grok и зајакнување на инфраструктурата, така што xAI ќе го зголеми притисокот врз конкурентите како што се Open AI и Anthropic.

Маск во мај изјави дека 200.000 графички процесорски единици веќе се инсталирани во центарот за развој на суперкомпјутери Colossus во Мемфис, а во тек се планови за изградба на уште поголем објект со дури милион чипови, објави CNBC.

Оваа инвестиција доаѓа во време на сè пожестока конкуренција меѓу американските компании на пазарот на вештачка интелигенција.

Open AI затвори рунда на финансирање од 40 милијарди долари во март, додека Anthropic обезбеди кредитна линија од 2,5 милијарди долари во мај, со пазарна вредност од 61,5 милијарди долари.

Вредноста на xAI беше проценета на 50 милијарди долари минатата година, а новата рунда инвестиции потенцијално ја зголемува вредноста на компанијата на повеќе од 80 милијарди долари.