Во чест на херојот Иле Гоцевски, возачот кој за време на несреќата во Кочани остана запаметен по својата храброст и пожртвуваност, денеска во Делчево се одржа првата планинска трка „Голак Трејлс“. Настанот беше организиран постхумно, како симбол на благодарност и почит кон неговото дело, но и како потсетник на човечките вредности што тој ги претставуваше.
На патеката долга 13 километри трчаа околу 200 учесници од повеќе македонски градови и гости од соседството. Атмосферата беше исполнета со спортски дух, силни емоции и порака дека спортот може да биде начин да се зачува споменот на оние кои оставиле трага.
Во машка конкуренција најбрз беше Ибрахим Мамудов од Штип, а во женска категорија победи Марија Пеликон од Скопје. Победниците истакнаа дека трката имала посебна тежина, бидејќи била посветена на човек чиј лик е симбол на храброст и пожртвуваност.
За првото место кај младите се истакна Калин Стефановски, ученик во осмо одделение, кој ја совлада патеката за два часа и ги повика своите врсници активно да се занимаваат со спорт.
Организаторите нагласија дека „Голак Трејлс“ не е само спортски предизвик, туку и почеток на нова традиција во Делчево.
„Со оваа трка ја оддаваме почит на Иле, но и испраќаме порака дека Делчево станува центар на планинскиот туризам и рекреација во источниот регион“, истакнаа тие.
Текстот Познати победниците на трката „Голак Трејлс“ посветена на херојот Иле Гоцевски е превземен од МАКФАКС.






