Уште колку ќе молчите за трагедијата во „Пулс“, прашаа блиските на жртвите

Уште колку ќе молчите за трагедијата во „Пулс“, прашаа блиските на жртвите

пред 1 ден

Родителите на младите кои трагично загинаа во пожарот во дискотеката „Пулс“ денеска по 21 пат излегоа на улиците на Кочани, барајќи правда и побрза реакција од институциите.

Протестниот „Марш за ангелите“ повторно ја помина добро познатата траса – од „Паркот на револуцијата“, покрај Трговскиот центар, Општината, Управата за јавни приходи и полициската станица, сè до Основниот суд и Обвинителството.

Од таму, роднините се обратија директно до судиите и обвинителите, потсетувајќи дека веќе три месеци се чека на оценка на обвинителниот акт.

„Одолговлекување без оправдана причина е спротивно на законот и претставува основ за реакција од страна на оштетените и јавноста. Ние ве прашуваме – постои ли рок во кој Советот мора да донесе одлука? Ако не постои, барем кажете кога може да се очекува завршување на оваа постапка“, изјави Розета Џамова, сестра на една од жртвите.

Протестот се одржа само еден ден откако Обвинителството ја прошири истрагата за трагедијата во „Пулс“. Поднесено е ново обвинение против реалниот сопственик на агенцијата за обезбедување „Рубикон Секјурити Солушн“, кој се товари за тешки дела против општата сигурност поради сериозни пропусти во организацијата и мерките за заштита во дискотеката.

Обвинителството до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за продолжување на сите претходно определени мерки за обезбедување присуство на обвинетиот.

Со ова, случајот „Пулс“ добива нова димензија, додека семејствата на жртвите продолжуваат да бараат одговорност и правда – јавно, гласно и упорно.

Текстот Уште колку ќе молчите за трагедијата во „Пулс“, прашаа блиските на жртвите е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top