Њујорк тајмс објави детали за тоа како осомничениот за убиството на конзервативниот активист Чарли Кирк, 22-годишниот Тајлер Робинсон, се однесувал по атентатот.
Пред да биде уапсен, тој испраќал пораки во групен чет на платформата „Дискорд“, шегувајќи се дека самиот е Чарли Кирк и дека ја лажирал смртта за да живее во Канзас.
Еден ден по убиството, пријател во четот го тагирал Робинсон и му испратил фотографии објавени од ФБИ со молба јавноста да помогне во идентификација на осомничениот. Робинсон одговорил за помалку од минута, тврдејќи дека „двојникот“ сака да го вовлече во неволја. Други учесници во групата се пошегувале: „Тајлер го уби Чарли!!!“
Во следните часови, Робинсон продолжил со иронични пораки – се шегувал за наградата од 100.000 долари што ја нудеше ФБИ, дека треба „да го скрие манифестот и пушката“, па дури и дека е „вистинскиот Кирк кој сакал да избега од политиката“.
Во групата коментирал и дека чул дека на куршумите имало пораки за „трансродна идеологија“, иако тогаш тоа сè уште не било јавно потврдено. Подоцна се откри дека на чаурите имало антиидеолошки пораки, стихови од песната „Бела чао“ и мемови поврзани со видео-игри.
Пораките ги споделил со Њујорк тајмс поранешен соученик на Робинсон, кој изразил шок и побарал анонимност. „Дискорд“ не потврдил дали корисничкото име е навистина негово, но се совпаѓа со други негови профили.
Робинсон бил уапсен 34 часа по атентатот, откако неговиот татко и семеен пастор го убедиле да се предаде. Според полицијата, тој дошол на кампусот пред дебатата на Кирк, се качил на покрив околу 120 метри од местото и испукал еден куршум кој го усмртил Кирк.
Членовите на групниот чет подоцна изразиле неверување: „Нашиот гувернер сака да му даде смртна казна“, напишал еден. Друг додал: „Не можам да сфатам дали ова навистина се случува.“
Текстот Убиецот по атентатот испраќал пораки: Јас сум Чарли Кирк, ја лажирав смртта за да живеам во Канзас е превземен од МАКФАКС.