Горан Тонев, гитарист на групата ДНК и еден од преживеаните од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, денес преку социјалните мрежи се потсети на трагичната ноќ пред шест месеци, која, како што рече, на сите ни ги промени животите.
„Уживавме да ја делиме сцената, насмеани и ведри како и на секој наш настап, но таа вечер имаше посебна енергија како да чувствувавме дека е за последен пат. Не требаше да биде вака, колеги мои… Засекогаш ќе ве носам во моето срце. Почивајте во мир“, напиша Тонев.
Во пожарот на 16 март загинаа 62 лица, меѓу нив и повеќе членови и соработници на ДНК – вокалистот Андреј Ѓорѓиевски, професорката и придружен вокал Сара Пројковска, тапанарот Ѓорѓи Ѓорѓиев, музичарите Филип Стевановски и Александар Коларов, фотографот Александар Ефремов и битбоксерот Мартин Атанасовски – Буцо Битбокс.
Тонев два месеца беше на лекување во болница во Солун. Пожарот го преживеаја и фронтменот Панчо и придружниот вокал Ана Костадиновска.