Наша цел е администрација која ќе биде сервис на граѓаните, а не сама на себе, Минчев на средба со меѓународните партнери

Наша цел е администрација која ќе биде сервис на граѓаните, а не сама на себе, Минчев на средба со меѓународните партнери

пред 7 часа

Денеска, во Министерството за јавна администрација се одржа работен состанок меѓу министерот за јавна администрација, Горан Минчев, и претставниците на СИГМА – иницијатива на Европската Унија и ОЕЦД за поддршка на реформите во јавната администрација. Темата на средбата беше работниот процес и динамика за подготовка на Законот за организација и работа на државната управа (ЗОРОДУ).

Министерот Минчев истакна дека новиот ЗОРОДУ треба да претставува клучна алка во севкупната реформа на јавната администрација, со цел создавање поефикасна, поодговорна и поуслужна администрација.

„Нашата цел е да воспоставиме современа и функционална администрација која ќе биде сервис на граѓаните, а не сама на себе. Законот за организација и работа на државната управа треба да обезбеди јасна структура, рационализација на процесите и поголема транспарентност во носењето одлуки,“, вели министерот Минчев.

Тој додаде дека реформите не се само законска обврска на државата во процесот на европска интеграција, туку и политичка одговорност пред граѓаните.

„Со ваквите промени ние покажуваме дека Македонија оди по европски пат – гради силни институции, ја намалува бирократијата и ја зголемува довербата на граѓаните во системот,“ рече министерот.

Претставниците на СИГМА ја поздравија посветеноста на Министерството за јавна администрација и го оценија како суштински чекор напред донесувањето на Законот за административни службеници, Законот за вработените во јавниот сектор и Законот за обука и стручно усовршување на јавните службеници, како и започнатиот процес за носење на новите три закони: Закон за организација и работа на органите на државната управа (ЗОРОДУ), Законот за висока раководна служба и Законот за систем на плати.

Министерството за јавна администрација најави дека ќе продолжи активно да соработува со меѓународните партнери, но и со домашните институции и јавноста, за да обезбеди законски решенија кои ќе донесат реални придобивки за граѓаните и ќе го поттикнат развојот на современа јавна управа во согласност со европските стандарди.

Текстот Наша цел е администрација која ќе биде сервис на граѓаните, а не сама на себе, Минчев на средба со меѓународните партнери е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top