Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, ѝ препорача на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, да побара од Лондон да го искористи своето влијание за да го донесе Киев на преговарачката маса.
„И преку кого Урсула лобира за своето место на преговарачката маса, кое ЕУ хистерично го бара толку месеци? Да ве потсетам. Русија веќе седеше на преговарачката маса во пролетта 2022 година, сè додека (тогашниот британски премиер) Борис Џонсон не го одвлече режимот во Киев од неа.
Можеби би било подобро Урсула да разговара со Лондон, за да можат да „го искористат своето влијание“ и „да го охрабрат украинскиот претседател да седне на преговарачката маса и да престане да се нервира“.
Сепак, кој ќе ја слуша во Лондон“, напиша Захарова на својот Телеграм канал.
Захарова потсети дека шефицата на ЕК одржала состанок со кинескиот премиер Ли Џијанг, за време на кој побарала од Пекинг да „го искористи своето влијание“ за да „ја охрабри Русија да седне на преговарачка маса“.
Претходно, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Русија е подготвена да разговара за политичките аспекти на решението со Украина и да работи во кој било формат. Москва сè уште не добила одговор од Киев на предлогот за создавање три работни групи за поконкретно решение за хуманитарните, воените и политичките прашања, што руската страна го презентираше за време на третата рунда преговори со Украина во Истанбул во јули, пренесува Танјуг.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја одбил поканата на рускиот претседател Владимир Путин да дојде во Москва на разговори, според руската агенција.
Фото: принтскрин
Текстот Захарова до Фон дер Лајен: Замоли го Лондон да го донесе Киев на преговарачка маса е превземен од МАКФАКС.