Челниците на УЕФА се воодушевени од тоа како сега изгледаат Европските купови, што започнаа консултации за воведување сличен формат и квалификациите за Европското првенство.
Како би изгледало тоа? Наместо сегашните 12 групи, во кои некои имаат по четири, некои пет учесници, сите би биле сместени во две групи. И би се играло според швајцарскиот модел, би имало две табели и најдобрите би оделе на Европското првенство.
Зошто промената? Според претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, сегашниот квалификациски модел е застарен, предвидлив и неинтересен за телевизиските куќи.
„Претходно, дури и во Лигата на шампионите, знаевме, штом ќе започне групната фаза, кој ќе оди понатаму. Сега имаме неизвесност до последното коло“, објасни Чеферин.
Беа одржани првите разговори на таа тема, учествуваа 28 генерални секретари од европски земји.
„Сигурно е дека ќе има промени. Луѓето постојано бараат нешто ново, а кога ќе го започнете процесот на промена, веднаш сите викаат „не, не“. Не ни недостасува храброст, ќе разговараме со сите, сите ќе бидат вклучени. Форматот на Европското првенство нема да се промени, но квалификациите веројатно ќе се променат. Нема да има повеќе натпревари, само ќе биде понеизвесно“, објасни Чеферин за „Тајмс“.
Сепак, сето тоа нема да важи за квалификациите за следното Европско првенство, кое ќе се игра во 2028 година, туку потоа. Но, се чини дека е сигурно нешто што ќе се случи.