Концерт на легендарниот дрон метал бенд САН во МКЦ

Концерт на легендарниот дрон метал бенд САН во МКЦ

пред 13 часа

Вечерва, во ЈУ Младински културен центар во организација на издавачката куќа “Фак Јога/Милинтант ЗаЗа” ќе се одржи концерт на легендарниот американски дрон-метал состав “SUNN O)))”, едни од највлијателните и најекстремни по звук музички состави на нашето време.

Стивен О’Мали и Грег Андерсон, двоецот што стои зад оваа звучна алхемија, пристигнуваат во Скопје како дел од европската турнеја „Shoshin Duo“, која оваа есен ги носи низ Белград, Загреб, Софија и други градови. Нивната музика не е само концерт – тоа е телесно искуство, вели организаторот.

„Познати по своите моќни звучни ѕидови, бавни и тешки фреквенции, и ритуалната магла што ја обвива публиката, SUNN O))) создаваат атмосфера која истовремено е медитативна и застрашувачка. Настапите им се дел од уметничка изведба каде што гласноста не е само сила, туку форма на комуникација – вибрација која се чувствува во коските и градите.

За љубителите на авангардата, на експерименталниот звук и на границите на можноста на музиката, ова е вечер што ќе се памети. МКЦ ќе биде исполнет со густ, длабок звук и светлина што ќе го претвори просторот во звучен облак“.

Share
Scroll to Top