Шампионот на НБА, Оклахома Тандер, остана единствениот непоразен тим во новата сезона.
Тандер до седмата победа во исто толку натпревари дојдоа против слабиот Њу Орлеанс со 137:106. Њу Орлеанс заедно со Бруклин Нетс, останаа единствената франшиза без триумф во сезоната досега.
МВП-то од минатата сезона, Шеј Гилџис Александар, постигна 30 поени, со совршени 13/13 од линијата за слободни фрлања. Шеј влезе во аналите како трет кошаркар со најдолга серија од „20+“ поени. Тој го стигна Оскар Робертсон со 79 врзани натпревари, со споменатиот број поени, додека само Вилт Чемберлен (92 и 126) има подолга серија од Канаѓанецот.
Во триумфот, помош доби од Вигинс (15), Хартенштајн (14), Џо (14) и Волас 13 поени. Зајон Вилијамсон постигна 20 поени како најефикасен играч во тимот што загуби, но промаши половина од своите 12 слободни фрлања.
Сан Антонио и Чикаго ги претрпеа своите први порази во сезоната.
Феникс Санс ги декласираа Спарс во Аризона со 130:118, а Виктор Вембањама постигна само 9 поени (4/14 шут, 1/5 за три), заедно со девет скока и четири блокади, но и шест загубени топки.
Само Стефон Касл со 26 поени беше на исто ниво во Сан Антонио. Девон Букер го предводеше Феникс со 28 поени и 13 асистенции. Санс постигнаа 19 тројки од 33 обиди.
По пет последователни победи, Чикаго Булс го положија оружјето во Њујорк. Никс славеа со 128:116.
Шестмина кај Њујорк имаа двоцифрен број на постигнати поени. Ги предводеше најефикасниот Џејлен Бренсон со 32 поени, Ануноби додаде 21, Таунс 20. Џош Гиди беше најефикасен кај Булс со 23 поени, Никола Вучевиќ забележа дабл-дабл од 17 поени и 14 скока (3/4 за три). Никсите постигнаа 20 тројки од 42 обиди, а Булс 17 од 40.






