ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение оцени дека Социјалдемократскиот сојуз доживеал изборно цунами на локалните избори и дека партијата, под водство на Венко Филипче и под, како што велат, менторство на Зоран Заев, е на праг да биде избришана од политичката сцена во државата.
Според соопштението, СДСМ – партијата кога важела за најголем политички опонент на ВМРО-ДПМНЕ, сега е трета партија на државно ниво, а во рамки на градот Скопје – петта.
„Овој историски дебакл има име и презиме – Венко Филипче, кој поразот го претставува како успех, а под диктат на неговиот ментор Зоран Заев, партијата ја дотурка до раб на исчезнување“, стои во соопштението.
Од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека Филипче не се дистанцирал од Заев и неговите политики и дека партијата и натаму функционира под негово диригенство.
Во соопштението се наведува дека СДС на локалните избори освоил 126 илјади гласа и околу 230 советнички места, победувајќи во шест општини, при што ги изгубил повеќето градови каде што традиционално доминирал.
ВМРО-ДПМНЕ оценува дека народот ја казнил безидејноста и аздисаноста и оти во партијата нема реформи, туку се прават обиди за спас на Филипче и прикривање на вистинскиот виновник.
Во заклучок, партијата наведува дека е потребна итна оставка на Венко Филипче и целосна промена во врвот на СДС, бидејќи, како што се додава, на Македонија ѝ е потребна вистинска, консолидирана и силна опозиција со кредибилитет.
Текстот СДСМ е на раб на исчезнување по изборното цунами, велат од ВМРО-ДПМНЕ и го повикуваат Филипче да си поднесе оставка е превземен од МАКФАКС.






