Познатиот италијански тренер Роберто Манчини (60) постигна договор за нова профитабилна работа.
Како што објавува секогаш добро информираниот италијански новинар и инсајдер Фабрицио Романо, неговиот сонародник Роберто Манчини ќе стане нов тренер на Ал Сад, најтрофејниот и најбогат катарски клуб. Двете страни веќе постигнале договор.
„Роберто Манчини утре лета за Доха за да го потпише договорот како нов главен тренер на Ал Сад, договорот е затворен“, објави Фабрицио Романо.
По деветтото коло, Ал Сад е на шестото место на табелата на Катарската лига со 14 бода. Прва ѕвезда на тимот е поранешниот фудбалер на Ливерпул, Бразилецот Роберто Фирмино.
Последниот ангажман на Манчини беше како селектор на Саудиска Арабија, која ја напушти во октомври минатата година.
Пред тоа, тој беше селектор на Италија (ја освои титулата на ЕУРО 2020). За време на неговата богата кариера, тој беше тренер и на Фиорентина, Лацио, Манчестер Сити (им ја донесе првата титула на „Граѓаните“ по 44 години), Галатасарај, Интер и Зенит.






