Минчев на регионален министерски состанок во Рим: Македонија значително напредува во административните реформи

Минчев на регионален министерски состанок во Рим: Македонија значително напредува во административните реформи

пред 3 часа

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, денес учествуваше на регионален министерски состанок со колегите од земјите од Западен Балкан предводен од италијанскиот министер за јавна администрација, Паоло Зангрило.
Средбата се одржа на маргините на конференцијата „Партнерство за реформи: Министерски дијалог Западен Балкан – Италија“ во Рим.

Фокус на состанокот беше во насока на напредокот во реформите во регионот, зголемување на административните капацитети, дигиталната трансформација и подобрувањето на професионалниот развој и управувањето со човечките ресурси.

Во своето обраќање, Минчев ја истакна силната поддршка од Италија и значењето на партнерството со РеСПА:

„Оваа конференција и средба се силна потврда за посветеноста на Италија кон поддршката на реформите во јавната администрација во земјите од Западен Балкан и за нашата заедничка визија за модерна, ефикасна и европска администрација.“ – истакна Минчев.

Министерот ги презентираше клучните реформи што Република Македонија ги реализираше во 2025 година, со посебен акцент на пакетот системски закони за професионализација на администрацијата, воспоставувањето на мерит систем, зголемената мобилност и формирањето на новата Академија за јавни службеници.

Тој посочи дека следниот период ќе биде фокусиран на имплементација на новата законска рамка, целосно воведување на Информациониот систем за управување со човечки ресурси – ИСУЧР и зајакнување на капацитетите на Академијата за јавни службеници. Минчев ја нагласи и потребата од продлабочување на партнерствата со земјите членки на ЕУ, со особен акцент на Италија.

„Европскиот пат не е само стратегиска определба, тоа е обврска за резултати. Затоа поддршка од Италија и регионалната соработка ни овозможуваат да ги забрзаме реформите и да испорачаме администрација која работи брзо, професионално и во интерес на граѓаните.“ – истакна тој.

На крајот од состанокот, министрите се согласија дека 2026 мора да биде година на забрзана имплементација, регионална усогласеност и јасни мерливи резултати во јавната администрација – цел која, како што потенцираше Минчев, Македонија е подготвена да ја испорача.

Текстот Минчев на регионален министерски состанок во Рим: Македонија значително напредува во административните реформи е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top