100 дена протести во Љубојно: Жителите бараат запирање на сечата на шумата

100 дена протести во Љубојно: Жителите бараат запирање на сечата на шумата

пред 4 часа

Жителите на преспанското село Љубојно информираа дека во среда, 19 ноември, ќе се навршат 100 дена откако секое утро одат на патот кон шумата, со цел, како што наведуваат, да го заштитат она што не штити нас.

Во пораката упатена до медиумите, жителите истакнуваат дека иако навидум се десетици луѓе од мало преспанско село, зад нив стои поголема поддршка, со иста цел и заложба. Тие наведуваат дека сечата над селото не е само уништување на дрвја, туку кршење на природниот штит кој со децении го штити Љубојно од поројни води, ерозија и разурнување на теренот.

Жителите наведуваат дека во изминатите 100 дена виделе: како камиони го отвораат срцето на шумата, како жителите сами мораат да постават песок на патот за да спречат штета, како првиот дожд го поплави селото и како, како што велат, државата им одговара со истата реченица: „Сè е регуларно“.

Во пораката се наведува и дека заедницата во тој период ги исчистила патеките околу селото, ги уредила изворите, се вклучиле млади генерации кои подолго време не биле активни во јавниот живот, се вратил гласот на луѓето што живеат во странство и, како што нагласуваат, се научило дека домот не се брани со зборови, туку со присуство.

„Шумата над Љубојно е нашиот штит и ние бараме право на живот без страв од порој, одрон или поплава“, се наведува во објавената порака.

Жителите најавуваат дека ќе останат на патот кон шумата сè додека тоа право не биде заштитено.

Текстот 100 дена протести во Љубојно: Жителите бараат запирање на сечата на шумата е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top