Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги изработи Извештај од изборното медиумско претставување и Извештај за платеното политичко рекламирање на радиодифузерите за време на вториот круг од изборната кампања за Локалните избори, од 20 до 31 октомври 2025 година.
Примерокот за мониторингот на изборното медиумско претставување и овој пат ги опфати трите програмски сервиси на Јавниот радиодифузен сервис: МРТ 1, МРТ 2 и Собранискиот канал, како и 8 комерцијални национални телевизии: Сител, Алфа, Канал 5, Телма, Алсат-М, Компани 21-М, Шења и 24 Вести. За другите програмски сервиси се постапуваше врз основа на претставки.
За време на изборната кампања и за време на изборниот молк во вториот круг од Локалните избори не беа констатирани прекршувања на Изборниот законик од страна на радиодифузерите. Наодите покажаа дека телевизиите вложија напори да обезбедат подробна информираност на гледачите како потенцијални гласачи за изборната кампања, а преку вестите и преку посебните информативни емисии, се обидоа да ја претстават и пошироката, пообјективна слика за постојниот општествено-политички амбиент во кој се одвиваше изборната кампања.
При медиумското покривање на изборната кампања, медиумите генерално, се придржуваа до професионалните правила за правичност, избалансираност и непристрасност, со почитување на начелото за еднаквост кон преостанатите кандидати за градоначалници. Во однос на обезбедување баланс во дневноинформативните емисии, сите анализирани медиуми, генерално известуваа неутрално за учесниците во изборната кампања. Јавниот радиодифузен сервис и националните телевизии што емитуваа платено политичко рекламирање, ја исполнија законската обврска да информираат на начин прилагоден за лицата со сетилна попреченост преку – едно издание на вестите секој ден и едно издание на актуелно- информативна емисија неделно.
Извештајот за платеното политичко рекламирање на радиодифузерите за време на вториот круг од изборната кампања за Локалните избори, беше изработен согласно обврската на Агенцијата од Изборниот законик и истиот е доставен до Државната изборна комисија.
Вкупно 41 радиодифузер – 22 телевизии и 19 радија, склучија договори со учесниците во изборната кампања. На сите 22 телевизии заедно беа емитувани вкупно 52 часа 56 минути и 15 секунди ППР, а на 19-те радија заедно беа емитувани вкупно 47 часа 34 минути и 31 секунда платено политичко рекламирање. Во вториот круг од изборната кампања на телевизиите и радијата беа емитувани вкупно 100 часа 30 минути и 46 секунди ППР.
Од 9-те национални телевизии што склучија договори за емитување ППР во вториот круг од кампањата, најголем обем рекламно време емитуваа Канал 5 (4 часа 53 минути и 36 секунди), Алсат-М (4 часа 43 минути и 19 секунди) и Алфа (4 часа 42 минути и 17 секунди). Од вкупно четири национални радија, три склучија договори за емитување ППР, а најмногу рекламно време емитуваа Антена 5 (5 часа 29 минути и 47 секунди) и Канал 77 (2 часа 51 минута и 26 секунди). Радио Метрополис емитуваше 53 минути и 5 секунди, а Јон радио не емитуваше ППР во вториот круг.
Извештајот од изборното медиумско претставување на радиодифузерите за вториот круг од изборната кампања за Локалните избори 2025 е достапен на линкот.
Текстот Телевизиите без прекршувања во вториот круг од кампањата – објавен извештајот на АВМУ е превземен од МАКФАКС.





