Декларација Скопје: Се бараат итни реформи за заштита на аудиовизуелните автори

Декларација Скопје: Се бараат итни реформи за заштита на аудиовизуелните автори

пред 3 часа

Авторските права на сценаристите, режисерите и кинематограферите беа во фокусот на дводневниот меѓународен семинар на тема „Авторите во фокус: Авторското право како темел на креативноста и културата во аудиовизуелниот сектор“ што се одржа вчера и завчера во Скопје во организација на Здружението за аудиовизуелни автори (SAA) заедно со Асоцијацијата за заштита на авторски и сродни права АЗАС Скопје, АИПА од Словенија и ЗAПA од Полска.

На едно место се собраа водечки автори, претставници на здруженија за колективно управување со права, амбасадори и експерти од повеќе европски земји со цел јакнење на регионалната соработка, размена на добри практики и дефинирање заеднички чекори за заштита на авторските права, како основа за креативност и развој на културната индустрија. Во текот на дводневната програма се отвори дијалог за предизвиците и можностите со кои се соочуваат аудиовизуелните автори во Централна и Источна Европа, со особен акцент на потребата од ефикасен систем за распределба на правичен надоместок.

Настанот започна со обраќање од Барбара Хејс, претседателка на SAA, која нагласи дека „време е регионот заеднички да делува за подобри услови за аудиовизуелните автори“.

Директорката на Одделот за авторско право во Светската организација за интелектуална сопственост (WIPO), Мишел Вудс, рече дека „заштитата на правата на аудиовизуелните автори се приоритет за WIPO“.

Францускиот амбасадор во земјава, Кристоф Ле Риголер ги потсети присутните за дека Франција авторите има долга традиција на ставање на авторите во центарот на креативноста.

– Франција ги гледа авторските права како суштински дел од културната демократија и економскиот развој – принцип што останува важен и во дигиталната и аудиовизуелната ера – рече тој.

Словенечкиот амбасадор Грегор Прескер, кој и лани учествуваше на конференцијата за авторски права, истакна дека во меѓувреме ги предочил предизвиците со кои се соочуваат аудиовизуелните автори во разговори со релевантни институции, амбасадори и дури и со претседателот на Собранието на Северна Македонија. Со тоа ја потврди континуираната заложба на Словенија за поддршка на регионот во подобрувањето на управувањето со авторските права.

Преку неколку сесии, беа презентирани искуства од Шпанија, Словачка, Србија, Естонија, Хрватска, Полска, Словенија, Црна Гора, Косово, Албанија и Северна Македонија. Учесниците разговараа за функционирањето на системите за колективно управување и за последиците доколку тие не се имплементираат. Особено беше потенцирана ситуацијата во Северна Македонија, каде што и покрај издаденото позитивно мислење за тарифата на АЗАС од страна на Комисијата за посредување на авторски и сродни права при Министерството за култура, нејзиното усвојување се уште не е на владината агенда – што значи дека авторите остануваат без соодветен надомест за користење на нивните дела.

Вториот ден беше посветен на темите за одржливост на аудиовизуелниот сектор. Беа нагласени потребите од јасна регулатива и предвидливо работење, како предуслов за меѓународна продукција и инвестиции во регионот.

На крајот на семинарот, учесниците заеднички ја усвоија Декларацијата Скопје со која се искажува солидарност со АЗАС и се бара итно усвојување на тарифата, се апелира за координирана акција од Владата, Собранието, Министерството за култура и Министерството за европски прашања, се бара поддршка од Делегацијата на ЕУ и амбасадите на земјите членки во земјава, се нагласува важноста од усогласување со европските директиви DSM и SatCab II и се потврдува континуирана соработка меѓу регионалните и европските здруженија.

На конференцијата зборуваа Рикардо Гомез Кабалеиро од Здружението за колективно управување со права на автори на аудиовизуелни дела од Шпанија (DAMA), Јана Возарова од Словачката организација за колективно управување со авторски права, која ги застапува писателите и аудиовизуелните автори, Кирил Ѓозев од АЗАС Скопје, режисерот Срѓан Драгојевиќ од Србија, Лина Тришкина-Ванхатало, сценаристка и режисерка од Естонија, Данко Стефановиќ од Друштвото на филмски автори од Хрватска, Силвија Биаду од Организацијата за колективно управување со авторски и сродни права на аудиовизуелни дела ZAPA од Полска, Грегор Штиберник, Петер Кеп и Урош Рожиќ од Словенечката агенција за интернационална заштита на правата на актерите (AIPA), Стефан Гелинео од Српското здружение на филмски автори (UFUS-AFA), режисерот Клемен Дворник од Словенија, македонските продуценти Огнен Антов и Дејан Илиев, Евјен Дако од Асоцијацијата на автори и режисери FAAD од Албанија, како и директорот на Косовското здружение за колективно управување со авторски права, Лирак Чељај.

Текстот Декларација Скопје: Се бараат итни реформи за заштита на аудиовизуелните автори е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top