Во Кочани почна со работа регионалниот центар за ментално здравје и психо-социјална поддршка на Црвениот крст.
Министерот Азир Алиу го посети центарот каде информираше дека целта е да се продолжи со организирано обезбедување професионална психолошка помош, советување и поддршка за повредените од пожарот, нивните семејства и целата заедница.
„Центарот за ментално здравје ќе биде место за доверлива и безбедна грижа, со акцент на справување со траумата, загубата и емоционалните последици. Во Центарот, во рамки на првата фаза ќе работат девет психолози, кои ќе обезбедуваат индивидуални и групни сесии, психоедукација и поддршка за волонтерите и вработените. Овој центар е пример за тоа како треба да изгледаат вакви објекти низ целата држава. Министерството за здравство целосно го поддржува проектот и континуирано ќе дава поддршка за оваа иницијатива со која покажуваме дека иста е важноста на менталното здравје, како и физичкото, и заедно со Црвениот крст и нашите партнери ќе продолжиме да градиме систем на грижа и солидарност“, истакна министерот Алиу при посетата.
Тој, исто така, информираше дека во наредните три години, центарот располага со буџет од 150 илјади евра, обезбедени од Црвениот крст на Австрија и на Србија, како и други партнери и донатори. Средствата ќе бидат насочени кон обезбедување современа опрема, едукативни програми и континуирана поддршка за стручниот кадар, со цел граѓаните да добијат најквалитетни услуги.
„Оваа иницијатива го покажува континуитетот во грижата за повредените лица од трагедијата во Кочани, имајќи предвид дека од самиот почеток трошоците за лекување и рехабилитација на повредените се покриени од државата, а по завршување на болничкото лекување обезбедивме и рехабилитација на повредените лица во објектот на Пониква. Токму таму, покрај рехабилитацијата и 24-часовното присуство на физиотерапевти, овозможивме и континуирана психолошка поддршка, која сега продолжува во овој центар во Кочани. Нашата заложба е сите пациенти да ја добијат потребната здравствена заштита и потребната психо-социјална поддршка“, рече Алиу.
Текстот Во Кочани почна со работа регионалниот центар за ментално здравје и психо-социјална поддршка е превземен од МАКФАКС.





