Поплавени 50 домови во Ресен, под вода земјоделски површини и во Демир Хисар, во Прилеп паднал таван од куќа

Поплавени 50 домови во Ресен, под вода земјоделски површини и во Демир Хисар, во Прилеп паднал таван од куќа

пред 2 часа

Според информациите на Центарот за управување со кризи до 8 часот, обилните врнежи предизвикаа локални излевања, поплави и прекини во водоснабдувањето на повеќе локации низ државата.

Ресен: Над 50 поплавени куќи и објекти

Во Општина Ресен, реките Болнска и Источка се излеале во селата Царев Двор и Дрмени, при што се поплавени повеќе од 50 куќи, магацини, визби и земјоделски површини.

Ангажирани се екипи со 4 багери, 7 пумпи и дополнителни приватни пумпи за исцрпување вода. Голема Река бележи водостој од 2,1 метар со почетни излевања во Долна и Горна Бела Црква.

ЈКП „Пролетер“ известува за нарушен квалитет на водата, која привремено не се препорачува за пиење. ТППЕ Ресен интервенира во с. Дрмени со 2 возила и 5 пожарникари.

Битола: Работа на повеќе локации и затворени патишта

Општина Битола пријавува бројни интервенции:

Екипите на јавните претпријатија работат во селата Нижеполе, Дихово, Цапари, Породин, Жабени, Лажец, Меџитлија, Острец, Граешница и Кишава.

„Нискоградба“ и АД Водостопанство подигаат насипи на р. Драгор кај Долно Оризари.

На мостот во Карамани се расчистуваат гранки и отпад за зголемување на протокот.

ХМС „Стрежево“ ги чисти пропустите на Цапарска Река (Доленци–Лера).

Затворени се патиштата Лера–Доленци и кон Цапари поради вода на коловоз.

Нивото на р. Црна е зголемено на 2,7 метри (во 15:30 ч).

ЈКП Водовод работи на дефект што предизвика прекин во водоснабдувањето од Кравари до Меџитлија.

Преку Е-112 пријавени се повеќе поплавени подруми, дворови, паднато дрво и ризик од излевање канали.

Демир Хисар

Излевање на р. Црна кај с. Жван со поплавени земјоделски површини. Екипите расчистуваат одрони на патиштата Базерник и Вирово, кои се проодни.

Прилеп

Пријавено е паѓање таван на куќа на ул. „Кајмакчалан“ како последица од дождовите. Надлежните служби се известени.

Охрид

РЦУК известува за повеќе интервенции на поплавени домови. По прекинот на дождот состојбата се стабилизира, но реките остануваат со висок водостој.

Куманово

Екипите во Крива Паланка и Кратово расчистуваат одрони на регионалните патишта. Водостојот на Кратовска и Крива Река е зголемен, но без излевања.

Скопје

Нивото на реките е покачено, но состојбата е под контрола и нема пријавени излевања.

Струмица

Пријавени се три одрони на патот Струмица–Валандово, проследени до надлежните служби.

Текстот Поплавени 50 домови во Ресен, под вода земјоделски површини и во Демир Хисар, во Прилеп паднал таван од куќа е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top