Две недели по обелоденувањето на, како што го нарекува СДСМ, „мега-скандалот со ИПАРД-средствата“, министерот за земјоделство Љупчо Трипуновски и понатаму не дава одговори на клучните прашања поврзани со суспензијата на европските фондови, соопштија од партијата.
Од СДСМ реагираат дека на нивното официјално барање за информации, министерот доставил само „општи законски рамки и цитати од регулативи“, без конкретни податоци за причините за суспензијата, времетраењето и чекорите кои МЗШВ планира да ги преземе.
„Нема ниту збор за причините, нема ништо за времетраењето на суспензијата на средствата од ИПАРД, нема ниту информација за планираните чекори за надминување на овој сериозен проблем. Едно големо ништо“, стои во соопштението, од каде го нарекуваат односот на министерот „директна навреда“ за земјоделците и за компаниите кои зависат од поддршката од европските фондови.
Од партијата предупредуваат дека суспензијата на над 130 милиони евра претставува сериозен удар врз илјадници земјоделци и бизниси кои веќе вложиле средства, земале кредити и очекуваат исплати.
„Овие луѓе имаат право да знаат до кога ќе трае суспензијата и кој ќе им ја покрие штетата од доцнењето“, наведуваат од СДСМ, додавајќи дека министер кој „не чувствува одговорност“ не треба да ја води оваа институција.
Во соопштението се посочува дека Трипуновски избегнува медиумски соочувања и не се појавил на пратенички прашања, што според СДСМ значи дека „нема како да се одбрани“.
Кузеска: Новиот протокол е изговор за застој на реформите
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, во одговор на новинарско прашање за ставовите на власта дека ќе бара нов протокол, оцени дека ваквите најави се „уште еден измислен изговор“ за да не продолжат реформите и евроинтегративниот процес.
„Граѓаните се веќе уморни од нови празни зборови. Велеа дека можат да обезбедат подобар договор со Бугарија, нова преговарачка рамка, дека се во периметарот. Ништо од тоа не се случи“, изјави Кузеска.
Во однос на реформите во правосудството, таа оцени дека власта нема политичка волја да ги спроведе чекорите утврдени од експертите и ЕУ.
Текстот СДСМ: Трипуновски бега од одговорност за суспензијата на ИПАРД-средствата е превземен од МАКФАКС.






