„Македонија може да стави крај на ХИВ – потребни се здружени сили и стабилна превенција“

„Македонија може да стави крај на ХИВ – потребни се здружени сили и стабилна превенција“

пред 1 час

Северна Македонија има реална можност во следните години целосно да ја елиминира епидемијата на ХИВ, доколку навременото тестирање стане широко достапно, превенцијата биде системски зајакната, а институциите и граѓанскиот сектор продолжат со заедничка работа. Ова беше клучната порака од конференцијата по повод Светскиот ден за борба против ХИВ, организирана од ХЕРА.

„Навременото тестирање претставува најважната алатка за постигнување на целта – искоренување на ХИВ до 2030 година“, истакна Националната координаторка за ХИВ, Милена Стевановиќ, и додаде дека раното откривање значи навремен пристап до терапија и прекин на понатамошното ширење на вирусот.

Јанис Мемелеѕис, советник на Светската здравствена организација (СЗО), додаде дека нема изговор во 2025 година некој да се инфицира со ХИВ и да не биде навремено дијагностициран и поставен на терапија, при што беше потенциран потенцијалот на земјата за брзо ставање под контрола на епидемијата преку јакнење на постојните и развој на нови, иновативни пристапи во превенцијата.

Во текот на дискусијата беше посочена исклучителната важност од поддршка на насоченото тестирање преку граѓанскиот сектор, како што истакна Александра Ефтимова од Министерството за здравство, бидејќи токму ваквиот пристап овозможува да се стигне до лицата кои се дел од најризичните групи и кои најчесто се недијагностицирани.

И покрај фактот дека средствата за превенција во моментов се намалени, институциите работат на воспоставување нови критериуми за распределба на буџетските средства, со очекување дека системот за превенција ќе биде унапреден од 2026 година. Во таа насока беше истакнато дека без финансиски ресурси не може да се постигнат резултати, но дека за успех е неопходна континуирана соработка помеѓу државните институции и граѓанските организации, кои имаат единствен пристап до заедниците со најголем ризик.

Беше нагласена и улогата на здравствениот систем во навременото поврзување на новооткриените случаи со терапија, како што посочи Румена Којчески од Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби, со што пациентите брзо достигнуваат недетектабилно вирусно оптоварување и можат да водат нормален живот. Сепак, и понатаму останува сериозен предизвик дискриминацијата кон лицата што живеат со ХИВ, особено во рамки на здравствениот сектор.

Конференцијата ја отвори и потребата од обезбедување соодветна правна рамка која ќе им овозможи на граѓанските организации формално да делуваат како даватели на услуги во превенцијата и тестирањето – заложба која ја истакна Елизабета Божиноска од Платформата за ХИВ на 13 граѓански организации – пракса што постои повеќе од 20 години и која е поддржана од 16 политички партии и содржана во три национални стратегии за соработка меѓу Владата и граѓанското општество.

Беше истакната потребата од засилена политичка поддршка, особено во делот на справување со дискриминацијата, одржување на постигнатите резултати во третманот и во обезбедување стабилни и одржливи превентивни програми, како што нагласи пратеничката Даниела Николова, членка на Интерпарламентарната група за сексуално и репродуктивно здравје и права. Таа го истакна и предизвикот дека во моментот недостигаат околу 40 милиони денари за програмата за превенција да може целосно да ги даде очекуваните резултати и дека поднесениот амандман од опозицијата бил одбиен во парламентот.

Настанот заврши со заедничка порака дека елиминацијата на ХИВ во Северна Македонија е достижна цел, но само доколку продолжи тесната соработка меѓу институциите, граѓанскиот сектор и политичките чинители, поддржана со стабилно финансирање, ефикасна превенција и системска борба против стигмата и дискриминацијата.

Конференцијата се реализираше во рамки на проектот „Унапредени здравствени права на девојките, жените и ранливите групи“, кој се имплементира од ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, во партнерство со Здружението за поддршка на лицата кои живеат со ХИВ „Заедно посилни“, Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ и Иницијативата за правата на жените од Шуто Оризари, финансиски поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата „Цивика Мобилитас“.

Текстот „Македонија може да стави крај на ХИВ – потребни се здружени сили и стабилна превенција“ е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top