Ниту еден од обвинетите за пожарот во „Пулс“ не призна вина

Ниту еден од обвинетите за пожарот во „Пулс“ не призна вина

пред 1 час

Ниту еден од 35 физички и три правни лица обвинети за пожарот во дискотеката „Пулс“ во кој загинаа 63 лица, не признаа вина.

Многумина од нив изразија длабоко сочувство, а некои побараа да бидат ослободени затоаш не знаат зошто се во судницата.

Првообвинетиот Дејан Јованов, сопственик на „Пулс“, кажа дека не чувствува вина.

„Не се чувствувам за виновен за кривичните дела што ми се ставаат на товар“, кажа Јованов во судницата.

Обвинетиот, Митко Стојанов кој бил директор на фирмата „МММ Кафе“ на чие име била една од лиценците за дискотеката, кажа дека искрено жали за починатите и болката на семејствата.

„Кога би можел животот би го дал за некои од нив, не се чувствувам за виновен“, рече тој.

Милка Едровска, вработена во „Венци проект“ која го изработила проектот за дискотеката и е обвинета дека изготвила лажен основен проект за клубот, рече дека не се чувстува виновна и изрази длабоко сочувство до семјествата на починатите и посака побрзо оздравување на повредените.

„Јас ја знам нивната болка, ја имам истата болка“, рече Едровска, а тоа предизвика револт кај семејствата на починатите кои беа во судницата кои и дофрлија: „Седи ма таму“.

Тука судијката Диана Груевска – Илиевска повика за ред во судницата.

„Да работиме во тишина и мир“, рече судијката.

И Тодор Јованов, братот на Дејан Јованов, рече дека не се чувствува виновен.

Поранешниот општински градежен инспектор, Огњен Ѓеоргиев, е пензионер кому не му е јасно зошто е ставен во обвинението и зошто е во судницата.

„Јас сум пензионер и да има некакво дело, тоа е застарено. Немам никаква вина и треба да бидам ослободен. Тука сум веројатно зошто треба да има бројка за да нѐ има повеќе, треба да бидам ослободен“, рече тој.

Љупчо Стаменков, општинскиот градежен инспектор кој една година бил на должност, рече дека не се чувствува виновен и не знае зошто се води постапка против него.

„Немав никакви напатствија за објектот и воопшто не сум го посетил“, рече тој.

Не признаа вина ниту тројцата поранешни градоначалници на Кочани Ратко Димитровски, Николчо Илијев и Љупчо Папазов.

Управителот на Агенцијата за обезбедување „Рубикон“, Јане Јанчевски, изрази сочувство до родителите и посака побрзо закрепнување на повредените.

„Сите заедно ја бараме правдата. Да не осудуваме предвреме“, рече Јанчевски.

Ивица Грозданов, кој работел како обезбедување во кобната ноќ, рече дека не чувствува вина и не разбира зошто е во обвинението.

„Три часа помагав да спасиме што повеќе животи, не треба да бидам обвинет“, рече Грозданов.

Слична беше и изјавата на Мартин Ѓоргиев, кој , исто така, работел како обезбедување.

„Ние како обезбедување го ризикувавме сопствениот живот за да спасиме што е можно повеќе луѓе“, рече тој.

И обезбедувачот Стојанче Димитриев кажа дека не чувствува вина туку голема болка и тага оти загубил голем број пријатели, а и тој дал сѐ од себе за да спаси што е можно повеќе животи.

Министерот без ресор Шабан Салиу и поранешен директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) вели дека се работи за политички монтирано и правно неиздржано обвинение.

Директорите на ДЗС Аднан Џаферовски, Беким Максути и Џевад Селами, кажаа дека не чувствуваат вина и изразија сочувство до семејствата на починатите.

И поранешните министри за економија Ваљон Сарачини и Крешник Бектеши кажаа дека не чувствуваат вина и сочувствуваа со семејствата на починатите и повредените.

Раководителот на сектор во Министерство за економија Зоран Николовски рече дека како родител ни на сон не помислил на ваква трагедија и нагласи дека 13 години не работи во Министерството и не се чувствува за виновен.

Откако сите обвинети изјавија дека не чувствуваат вина, судијката даде пауза. Судењето ќе продолжи со воведни зборови на бранителите.

Текстот Ниту еден од обвинетите за пожарот во „Пулс“ не призна вина е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top