Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денес објави дека Соединетите Американски Држави не дале позитивна одлука во врска со Нафтената индустрија на Србија (НИС), што може да доведе до прекин на работата на рафинеријата во Панчево. Вучиќ истакна дека руските сопственици не сакаат да го продадат својот удел во компанијата, а Србија веќе дала дозвола за затворање на рафинеријата, пишува „Нова.рс“.
„Што се однесува до НИС, немаме добри вести. Очекувавме да добиеме лиценца за продолжување на снабдувањето со нафта на нашата рафинерија во Панчево, но не добивме позитивна одлука“, рече Вучиќ по состанокот со тимовите за енергетска стабилност и безбедност на земјата.
„Недвосмислено е дека Русите не сакаат да продаваат и дека не сакаат да бидат продадени, и тоа е нивно право – тие се сопственици, но ние имаме многу проблеми со тоа. Исто како што Американците не се заинтересирани за ништо друго, освен за своите интереси. Засега само Србија страда, ќе видиме како ќе биде“, додаде тој.
Како што објасни, ресорниот министер ќе го информира НИС дека нема индикации оти САД ќе издадат лиценца, што ќе предизвика рафинеријата да престане да работи.
„Додека ја држат во топол промет, тие губат 370.000 дневно и нивна работа е кога сакаат целосно да ја исклучат рафинеријата, што се однесува до српската страна – ние дадовме дозвола за затворање на рафинеријата“, рече Вучиќ додавајќи дека НИС ќе одлучи дали ќе престане да работи денес или во наредните денови.
Зборувајќи за секундарните санкции, Вучиќ предупреди дека секоја комерцијална банка што работи со НИС може да биде казнета во секое време. „Вклучувајќи ја и НБС. Тоа би било катастрофа за нашиот инвестициски рејтинг и за сите. Понатаму, секогаш кога се прекинуваат трансакциите за плаќање, ова се огромни проблеми за компанијата“, рече тој.
Тој истакна дека ова не е проблем само на една компанија, туку на цела Србија.
„Кога НИС ќе остане без оперативни резерви на бензинските пумпи, не можеме да му обезбедиме на НИС стокови резерви. Значи, не можеме да му обезбедиме ниту на НИС ниту на ‘Лукоил’ по 13 декември. Тогаш цела Србија би била предмет на санкции. Значи, ние ќе обезбедиме деривати, но на сите други што не припаѓаат на НИС“, објасни тој.
Србија одлучи да обезбеди трансакции за плаќање за НИС до крајот на неделата. „Се договоривме на сопствен ризик да обезбедиме трансакции за плаќање до крајот на неделата, а и понатаму. Вторник, среда, четврток, петок, сабота, недела. Значи, НИС има доволно време да исплати плати и доставувачи, како и да ги подготви вработените за сè што следува. По тоа, ќе мериме ден по ден, бидејќи не сакаме српскиот банкарски систем да биде уништен“, рече Вучиќ.
Вучиќ рече дека резервите од сите видови гориво, вклучувајќи бензин, дизел и керозин, се доволни до крајот на јануари, но граѓаните ќе мора да одат на други бензински пумпи. Проблемот, рече тој, е што 47 проценти од продажбата на нафтени производи се одвивала на пумпите на НИС, кои се наоѓаат на најдобрите локации.
„Ќе имаме доволно гориво до крајот на јануари. Рековме дека ќе престанеме на 15 јануари, ако дотогаш не ги завршат преговорите со Арапите, Унгарците, Англичаните… Дефинитивно, ќе го завршиме целиот процес до 15 јануари“, рече тој додавајќи дека состаноците на оваа тема ќе се одржуваат на секои два дена во наредниот период.
Зборувајќи за гасот, Вучиќ рече дека доколку Србија не добие договор до петок, в понеделник ќе почне преговори со други доставувачи и дека државата ги обезбедила средствата за тоа.
Текстот Вонреден говор на Вучиќ: Немаме добри вести, Русите не сакаат да продаваат е превземен од МАКФАКС.






