САД најавија забрана за патување за повеќе земји: „Ќе ги запреме убијците и пијавиците“

САД најавија забрана за патување за повеќе земји: „Ќе ги запреме убијците и пијавиците“

пред 2 часа

Американската министерка за внатрешна безбедност Кристи Ноем најави дека ќе препорача забрана за патување и доаѓање во САД за неколку земји за кои тврди дека ја преплавуваат државата со криминал. Ноем на социјалните мрежи објави дека се сретнала со претседателот Доналд Трамп и дека одлучила да предложи „целосна забрана за патување за секоја проклета земја што ја преплавува нашата нација со убијци, пијавици и зависници од придобивки“, јави Би-Би-Си.

Нејзината објава веднаш ја споделија и претседателот Трамп и Министерството за внатрешна безбедност на своите официјални профили. Засега не е познато на кои земји би се однесувала предложената забрана ниту кога би можела да стапи во сила, но од Министерството порачаа дека списокот наскоро ќе биде објавен.

Најавата доаѓа само неколку дена откако во Вашингтон беа застрелани двајца припадници на Националната гарда. Пред коментарите за забраната за патување, Ноем истакна дека 100.000 авганистански државјани влегле во САД во рамки на програмата од ерата на Бајден – „Операција добредојде за сојузниците“, и порача дека безбедносните структури темелно ќе ја преиспитаат постапката за проверки.

Властите, осомничениот за пукањето го идентификуваа како авганистански државјанин кој во САД пристигнал во 2021 година токму преку таа програма, замислена за локалното население кое соработувало со американските сили за време на дваесетгодишниот ангажман во Авганистан. Според електронската преписка до која дошол „Си-би-ес њуз“, осомничениот по доаѓањето во САД имал проблеми со менталното здравје.

По пукањето во кое беше убиена 20-годишната Сара Бекстром, а тешко ранет 24-годишниот Ендру Волф, администрацијата на Трамп ги зајакна мерките против мигрантите. Гувернерот на Западна Вирџинија, Патрик Мориси, изјави во понеделникот дека Волф е во тешка состојба, но дека успеал на медицинските сестри да им покаже „палац горе“.

Портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, потврди за „Фокс њуз“ дека Трамп уште пред неколку месеци најавил забрана за патување за „земји од третиот свет и пропаднати држави“ и дека препораката на министерката Ноем тоа само би го проширува на поголем број држави. Белата куќа на 4 јуни веќе наведе 19 земји, главно од Африка, Блискиот Исток и Карибите, кои би се соочиле со целосни или делумни ограничувања за миграција.

По инцидентот во Вашингтон, запрено е и одлучувањето по сите барања за азил. Директорот на Американската служба за државјанство и имиграција, Џозеф Едлоу, изјави дека обврската ќе остане во сила „додека не осигуриме дека секој странец е проверен и контролирано прегледан во најголема можна мера“.

Самиот Трамп минатиот четврток отиде чекор понатаму, заканувајќи се дека ќе „ја паузира миграцијата“ од сите „земји од третиот свет“. Во неговата објава по повод Денот на благодарноста, за „општествената дисфункција во Америка“ ги обвини бегалците и вети дека ќе го отстрани „секој што не претставува нето-корист“ за САД.

Авганистанската коалиција на заедницата во САД објави соопштение по нападот во Вашингтон, изразувајќи сочувство до семејствата на жртвите и повикувајќи на сеопфатна истрага, со нагласување дека станува збор за чин на поединец. Коалицијата исто така апелираше до американската влада да не ги одложува ниту да ги укинува авганистанските имиграциски барања.

„Дваесет години авганистанско-американско партнерство не смеат да бидат заборавени“, стои во соопштението.

Обединетите нации ги повикаа САД да ги почитуваат меѓународните договори за барателите на азил, јави новинската агенција „Ројтерс“.

Текстот САД најавија забрана за патување за повеќе земји: „Ќе ги запреме убијците и пијавиците“ е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top