Францускиот возач Исак Хаџар ќе вози крај Макс Ферстапен следната сезона во Ред Бул, потврди австрискиот тим.
Хаџар (21) беше промовиран по одличната дебитантска сезона во Формула 1, во која неговиот најдобар пласман беше третото место во Холандија. Младиот Французин ќе го замени Јуки Цунода во тимот, кој со тоа останува без место во Формула 1, бидејќи за него нема место во ниту еден друг тим, дури и во сестринскиот Рејсинг Булс.
Местото на Хаџар, крај Лиам Лосон, во Рејсинг Булс, ќе го заземе Арвин Линдблад, кој годинава беше седми во Формула 2, и со години е член на програмата за млади возачи на Ред Бул.
Линдблад го зазеде единственото слободно место во Формула 1 за следната сезона, а се очекуваше дека некој млад возач ќе ја добие можноста на сметка на Цунода.
Јапонецот ја напушта Формула 1, барем што се однесува до блиската иднина, по пет години, откако доби шанса во Ред Бул од третата трка во сезоната, но во ниту еден момент не беше ни блиску до својот тимски колега.
Најдобриот пласман на Цунода во последните пет сезони е четвртото место во Абу Даби 2021. Лосон го загуби местото во Ред Бул по две трки оваа сезона, но со своите изданија во Рејсинг Булс, тој заслужи да остане во тимот следната година.
Овогодинешното првенство во Формула 1 завршува овој викенд со Големата награда на Абу Даби. Во последната трка Норис влегува со 12 поени повеќе од Ферстапен и 16 од Оскар Пјастри.
Foto/ EPA






