Јавните средства под јавен надзор, ниту еден проект не е веќе некаде таму скриен  – Мицкоски ја промовираше новата платформа

Јавните средства под јавен надзор, ниту еден проект не е веќе некаде таму скриен – Мицкоски ја промовираше новата платформа

пред 2 часа

Премиерот, Христијан Мицкоски, денес ја промовираше новата Платформа за следење на проектите финансирани од Владата, оценувајќи дека алатката претставува чекор напред во политичката култура, модерното управување и транспарентноста.

Мицкоски истакна дека платформата овозможува секој граѓанин, општина, новинар и претставник на граѓанскиот сектор во реално време да го следи текот на проектите што ги финансира Владата. Според него, со ова се воспоставува нова рамка на доверба во која јавноста има директен увид во потрошувачката на јавните средства.

Тој нагласи дека транспарентноста е суштинско демократско правило и одговор на дезинформациите, оценувајќи дека платформата е политичка порака дека Владата работи чесно и во интерес на граѓаните. Мицкоски посочи дека медиумите добиваат моќен алат за следење на секоја фаза од реализацијата на проектите.

„Ниту еден проект веќе не е некаде таму, скриен во институционални лавиринти. Сега е јавен, видлив и проверлив“, рече премиерот

Премиерот ги презентираше и резултатите од јавните повици за финансирање. Преку првиот повик се опфатени 288 проекти во вредност од речиси 4,6 милијарди денари. Според Мицкоски, сите проекти се започнати, за сите се склучени договори, 193 се завршени, 26 се во целосно завршна фаза, 89 активно се реализираат, а за уште шест проекти тендерската постапка е завршена.

Тој истакна дека проектите опфаќаат инфраструктура, животна средина, спорт, култура и образование, нагласувајќи дека тоа значи подобри услуги и подобар квалитет на живот.

Премиерот се осврна и на вториот јавен повик финансиран преку унгарскиот кредит, во кој се опфатени 828 проекти со вредност од 13,8 милијарди денари. Според него, над 50 од нив се завршени или во завршна фаза, а за повеќе од 500 се потпишани договори.

Мицкоски рече дека Владата работи транспарентно и современо, дека јавните средства се под јавен надзор и дека платформата воспоставува нова култура на владеење во која секоја информација е достапна и секое ветување е проверливо. Тој порача дека ова е следната фаза на институционална зрелост, каде резултатите се одговор на јавните очекувања.

Текстот Јавните средства под јавен надзор, ниту еден проект не е веќе некаде таму скриен – Мицкоски ја промовираше новата платформа е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top