Заменик претседателот на Владата, Александар Николоски, се обрати на Форумот „Прашања на проширување: Новата геополитичка, безбедносна и економска граница на Европа“, што се одржа во Брисел во организација на „Пријатели на Европа“.
Во своето излагање, Николоски рече дека земјите од регионот со децении се борат за европските вредности, но дека испораката од Европската Унија недостасува. Тој посочи дека Северна Македонија направила низа отстапки, вклучително и промена на името двапати, промена на валутата, знамето и седум измени на Уставот, а во тек е и осма измена.
„Прво, името го променивме двапати – прво беше за меѓународна употреба: Поранешна југословенска Република Македонија, потоа моравме да го промениме името за целиот свет, како и за внатре, во земјата, во Северна Македонија. Ја променивме валутата, знамето, уставот седум пати, сега треба и по осми пат. И тоа е бескрајна приказна и кога зборувате со луѓето, тие прашуваат: дали е ова последната работа. И тоа е одговорот што не го добиваме. Сега во комуникација со наши бугарски пријатели и со други засегнати страни, тоа е нашето главно прашање. Тоа е што е, има договор, не ни се допаѓа, некој друг го потпишал, мораме да спроведеме, но дали е ова последната работа и никој не ни одговара. Прашуваме дали другата страна може да направи нешто, за да има некаква рамнотежа и многу често одговорот е не. Тоа е реалноста, но мислам дека треба да живееме со неа, не треба да кажеме: во ред, се откажуваме“, рече тој.
Додаде дека Северна Македонија продолжува да се трансформира однатре, користејќи домашни ресурси и соработка со ЕУ, САД и Обединетото Кралство. Николоски потсети дека земјата е прва од регионот што потпишала договор за стратешко партнерство со Велика Британија.
Во однос на проширувањето на ЕУ, Николоски оцени дека секое проширување досега било политичко прашање и дека за Западен Балкан недостига политичка волја во Унијата. Тој смета дека е фер земјите-членки јасно да кажат што е возможно, а што не, наместо регионот постојано да биде во „состојба на чекање“.
„Ниедно проширување на ЕУ не било неполитичко, почнувајќи од Грција и Португалија, во претходниот век, па големото проширување на почетокот на овој век, па се’ до Романија и Бугарија – се’ било политички. Јасно е дека за овој регион недостига политичка волја. За различни земји причините се различни, но очигледно има недостиг на политичка волја. Сметам дека е фер да им се каже на луѓето од регионот – ова може, ова не може. И ајде да ги правиме работите што може да се направат. Ако може да направиме 10 од 20 работи, тогаш да ги испорачаме, бидејќи вака сме заглавени во ситуација на чекање: следниот самит, следниот самит, јуни, декември, можеби во средина на март… и така времето си минува и она од што се плашам е што може да му се случи на регионот во иднина“, рече вицепремиерот.
Николоски предупреди на ризиците што би ги носело евентуално пропаѓање на европскиот процес, наведувајќи дека во регионот постојат екстремни сили кои би можеле да ја преземат моќта. Тој потсети на трагичните искуства од 90-тите и истакна дека политичките елити денес главно се умерени, но дека ваквите сили чекаат простор.
Во говорот, тој посочи и на регионалната економска соработка и инфраструктурното поврзување преку европските коридори 8 и 10, за кои се вложуваат значајни средства во автопатска и железничка инфраструктура. Николоски истакна дека во моментот трговијата во регионот функционира речиси без граници и оти се работи на олеснување на движењето со Грција и Бугарија.
Тој се осврна и на теориите на заговор присутни во дел од медиумите во регионот, наведувајќи пример со реакции по потпишувањето на договорот за железничко поврзување со Бугарија. Според Николоски, единствениот начин да се надмине ваквата состојба е „да се испорачуваат резултати“.
Во однос на Европската политичка заедница, Николоски оцени дека форумот има потенцијал да ја обедини Европа и дека регионот денес живее подобро отколку пред две децении, и економски и демократски. Но тој нагласи дека постојат нови сили кои се спротивставуваат на европскиот пат и дека е важно да се зборува чесно со граѓаните.
На крајот, Николоски посочи дека примерите на решавање билатерални спорови меѓу други земји-членки, како Словенија и Хрватска, не се применети за Северна Македонија, и повтори дека потребен е фер и јасен пристап на Европската Унија кон регионот.
Текстот „Името го сменивме двапати, Уставот седум“ – Николоски во Брисел побара чесен пристап и одговор дали со уставните измени завршуваат барањата е превземен од МАКФАКС.






