Македонија нема, не планира и не преговара за отворање мигрантски кампови, порача ВМРО-ДПМНЕ

Македонија нема, не планира и не преговара за отворање мигрантски кампови, порача ВМРО-ДПМНЕ

пред 2 часа

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ реагира по објавите на британските медиуми и СДСМ дека Владата подготвува договор со Обединетото Кралство за отворање центар за враќање мигранти во Македонија.

Откако Социјалдемократите ја повикаа Владата да ја објави содржината на преговорите со Обединетото Кралство, ВМРО-ДПМНЕ порача: „Криминалците за да се спасат од одговорност се подготвени да измислат колонизација на марсовци во Македонија само за да создадат паника кај народот“. Според владејачката партија, кога СДСМ нема аргументи, бега во фантазии и хорор-сценарија, но, според нив, државата денес е безбедна, стабилна и водена од одговорна Влада.

Партијата категорично негира дека се разговара за отворање било каков центар за мигранти.

„Да бидеме јасни, заради јавноста: Македонија нема, не планира и не преговара за отворање мигрантски кампови. Ова е уште една лага од фабриката на истата партија која пред неколку години молчеше пред најголемиот мигрантски бран и ја претвори државата во транзитна зона без контрола“, се наведува во реакцијата.

ВМРО-ДПМНЕ ги обвини СДСМ за најголемиот распад на институциите и дека ја оставиле државата со нарушена безбедност и ниска доверба во државата. Дополнително, реагираат дека ваквото свесно лажење за да се креира страв покажува дека СДСМ нема што друго да понуди.

Партијата посочи и на изјавата на британскиот амбасадор Лосон, кој во мај одговарајќи на новинарски прашања во врска со објавите дека Македонија ќе треба да прифати мигранти, ги отфрли таквите тврдења.

„Како дел од договорите, земјата се согласи да се приклучи на заедничката мисија во однос на мигрантите. Но, тоа се однесува на соработка на полициските сили, справување со криминални банди и подобро споделување разузнавачки информации, што веќе се прави со неколку други европски земји. Сосема друга приказна е прифаќањето мигранти, не се работи за тоа. Сакам да бидам јасен во тој дел“, посочи тогаш Лосон.

СДСМ ја повика Владата јавно да ги објави разговорите со Британија

Социјалдемократскиот сојуз претходно ја повика Владата итно да ја објави целата содржина од евентуалните разговори со Британија и јавно да одговори дали за неколку милиони евра се подготвува Северна Македонија да стане „најголемиот мигрантски центар на Балканот“.

Повикот следеше по написот на британскиот „Тајмс“, со наслов „Одбиените баратели на азил би можеле да бидат депортирани во Северна Македонија“, во кој беше објавено дека македонската Влада влегла во формални разговори со Лондон за отворање „центар за враќање“ на мигранти.

Од СДСМ тврдат дека премиерот Мицкоски „преговарал да ја направи Македонија депонија за мигранти“, обвинувајќи го за „трговија со суверенитетот, безбедноста и иднината на граѓаните“. Според партијата, ваков центар би овозможил мигрантите да бараат азил или да се вработат во земјата, што тие го оценија како опасно за државата.

Што пишуваат британските медиуми

Според британските медиуми, Обединетото Кралство би ѝ плаќало на Македонија за секој прифатен мигрант, со дополнителни инвестиции и поддршка за безбедноста од Русија. Мигрантите, според предлогот, би можеле да бараат азил во земјата или да добијат работни визи и не би биле задржувани во притвор.

Се додава дека Британија води разговори и со Косово, додека Босна и Херцеговина веќе ја одбила можноста. Портпаролот на Даунинг стрит не ги потврдил ниту демантирал разговорите, повторувајќи: „Постојано нагласуваме дека нема да даваме тековни коментари за центрите за враќање.“

Текстот Македонија нема, не планира и не преговара за отворање мигрантски кампови, порача ВМРО-ДПМНЕ е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top